Сите сме поминал низ неверство – смета актерката Камерон Дијаз актуелна во моментов со филмот „Одмазда на женски начин“ (The Other Woman), комична сторија за три жени кои ги спојува еден неверен маж, кој од вчера се прикажува во Cineplexx. Дијаз, холивудска миленичка и една од најплатените актерки, во филмот ја глуми Карли, убава и успешна адвокатка која открива дека Марк (Николај Костер-Валдау), харизматичниот човек во нејзиниот живот е оженет. Таа станува пријателка со неговата сопруга Кејт, која ја глуми Лесли Ман, а двете пак дознаваат дека марк има и трета жена, секси блондинката Амбер, која ја глуми манекенката Кејт Аптон. Трите жени развиваат пријателство, здружено одлучиваат да му се одмаздат и тука почнуваат комичните ситуации. Во ова интервју со Камерон Дијаз обезбедено со помош на MCF MKD, Камерон зборува за работата со режисерот на филмот Ник Касаветис, за снимањето и импровизирањето на комичните сцени, за неверството и одмаздата, како и за пријателството што го разви надвор од филсмкиот сет со своите колешки Лесли Ман и Кејт Аптон. Токму тие трите здружено, како и нивните ликови во „Одмазда на женски начин“, во моментов го промовираат во светските метрополи. А во Скопје, како дел од промоцијата на овој филм, диструбутерот најавува Ladies Night, одлична забава со пријателките во кино со многу награди.
>>Како би ја опишала Карли?
-Карли е доста успешна адвокатка. Го запознава Марк за кого смета дека има вистински потенцијал, двајцата уживаат да бидат еден со друг и таа мисли дека врската може да се претвори во нешто посериозно. Но, има чувство дека нешто чудно се случува, бидејќи ќе и’ откаже договорена средба да се запознае со нејзиниот татко. Одеднаш не може да дојде на планирана вечера и и’ дава до знаење дека не достапен. Карли се онерасположува и сфаќа дека оваа врска можеби не онаква каква што мисли. Одлучува да го посети дома и открива дека Марк е женет.
>>Колку предизвикувачки беше да снимиш физичка комедија со Лесли Ман? Вие двете имате фантастична хемија…
-Беше неверојатно. Бев многу благодарна, бидејќи не толку често добивам можност да работам физичка комедија, особено не со друга жена. Лесли е бестрашна. Таа е јака и смешна, има толку многу енергија и сила и нејзиното тело може да ги направи сите тие луди работи. Беше тоа буквално најчисто задоволство да бидам партерка со неа. Добро одигравме една покрај друга, наидовме на прекрасен ритам една со друга и постигнавме комплетна взаемна доверба.
>>Постојат многу смешни сцени во филмот, како онаа на почетокот кога Лесли е многу пијана. Дали беше тоа комплицирано за снимање?
-Немавме никаков план како тоа да го направиме, едноставно оставивме да не води приказната. Почнавме да трчаме по улици, јас се обидувам да влезам во нејзиниот автомобил, а таа ги качува нозете нагоре накај кровот на автомобилот, и двете носиме чевли со високи потпетици, јас сум во тесно кожено здолниште, таа стои паралелно со хаубата, јас ја држам… Беше пресмешно.
>>Звучи како фантастична импровизација. А во една друга сцена кога Лесли те фрла низ прозорецот од спалната соба, болеше ли многу?
-Не паднав јас, туку мојата дублерка. Јас само паднав на душек од висина од 3-4 метри. Но, и двете се здобивме со доста модрици додека го снимавме овој филм. Навистина се работеше за физичка работа и сето тоа моравме да го правиме во фустани и во чевли со високи потпетици.
>>Како беше да се работи со Кејт Аптон, на која ова и’ е прва голема филмска улога?
-Таа е неверојатна. Толку е смешна, прониклива и паметна. Забележува сè околу себе. Луѓето не очекуваат да биде толку паметна колку што е убава. Кејт сите не воодушеви со нејзината природна способност за импровизација. Немавме поим колку е способна, сите бевме потполно импресионирани.
>>Кога ќе се сретнеме со нејзиниот лик Амбер, која исто така има афера со Марк, таа изгледа како архетипски глупава блондинка, нели?
-Точно, тоа си помислувате кога ќе ја запознаете. Всушност, таа е само фина девојка која не знае е во каква ситуација се наоѓа. А целата ситуација е изненадување за неа и таа се чувствува ужасно. Тоа не значи дека е глупава, туку дека искрено и’ е жал за целата ситуација.
>>Како беше да се работи со Николај?
-Тој е прекрасен. Бестрашен и толку многу смешен. Не постои ништо допадливо во ликот што го глуми, воопшто не ви е жал за него, го добива она што го заслужува. Николај успешно се снајде во оваа комедија.
>>Дон Џонсон исто таа е смешен, тој го глуми таткото на Карли и исто како Марк е голем женкар. Каков беше всушност Дон?
-Тој е Дон Џонсон. Најкул фаца во градот. Многу добро го одигра неговиот лик во филмот.
>>Со режисерот Ник Касаветис работеше претходно на филмот My Sister’s Keeper, што тој донесе во овој филм?
-Ник донесе многу вредности во филмот и направи одлична комедија. Не го следеше истиот пат како другите режисер на комедии, туку сакаше да постигне поинаков тон во филмот и затоа внесе доста емоции во ликовите, како на пример, во ликот на Лесли. Поради своето потекло и искуство тој на филмот му даде поинаков вкус и тоа е навистина прекрасно.
>>За што е филмот во суштина?
-Се работи за пријателство и односот помеѓу овие жени. Филмот се однесува на околностите кои ги довеле заедно и начинот на кој се движат во заедничкото патување, минувајќи низ разделби, прифаќање на измама, а потоа ги гледаме како се движат напред и оставаат сè зад себе. Не се работи за одмазда, туку за тоа како учат некои работи за себе. Немам интерес да правам филм за одмазда или прељуба. Не се работи за тоа во филмот.
>>Девојките навистина преземаат чекори да го научат Марк неколку лекции со смешен резултат, нели? Може ли да разговараме што тие прават?
-На моменти преземаат ниски удари, тоа е забавниот дел од филмот. Тие во основа му ги одземаат сите работи од кои Марк како машко зависи, неговата мажественост, способноста да ги манипулира сите три жени, а сето тоа им успева бидејќи сега тие имаат предност. Тој е мотивиран од секс, па тие нема да спијат со него, тој се потпира на својот изглед, ќе најдат начин и тоа да му го одземат. Знаат дека е лажливец и сфаќаат дека лаже и во другите аспекти од животот, па го истражуваат неговиот бизнис. Тие само сакаат малку правда. Ако патите од неверство, сакате другата страна барем на момент да почувствува болка. Но, жените откако ќе преболат неверство, спремни се да напредуваат, во соствојба се да одат напред благодарение на пријателството.
>>Колку е вредно пријателството меѓу жените?
-Прекрасната работа во врска со женското пријателство е што секогаш навиваме една за друга. Дури и кога не сме заедно, знаеме дека нашите пријателки се тука за нас, со сета своја љубов и енергија која се движи кон нешто добро. Пријателите ве поддржуваат без оглед на сè. Пријателството се негува, ја храни вашата душа, бидејќи се работи за позитивна енергија. Секогаш се работи за прифаќање и желба другиот да биде појак, подобар и поспособен, за помагање во најтешките моменти, славење на добрите, подеми и падови, да се биде присутен во животот на другиот онаков каков што е, да не го осудуваш другиот и да бидеш искрен.
>>Колку се спријателивте вие трите додека го снимавте „Одмазда на женски начин“?
-Работевме заедно по 24 часа дневно. Постојано бевме заедно и многу работи се случуваат во еден ден. Направивме филм заедно и станавме многу добри пријателки.
>>Како го поминуваш времето со своите пријатели?
-Најчесто одам во домовите на моите пријателки и заедно готвиме и се дружиме, понекогаш одиме во кино или гледаме филмови по дома.
>>Филмот се однесува на маж кој е непоправлив прељубник. Дали мислиш дека жените и мажите поденакво изневеруваат, или мажите го прават тоа почесто?
-Мислам дека мажите и жените поденакво се изневерени. Не знам каков е процентот, но никој не излегува неповреден. Тоа е нешто што се случува и сите сме поминале низ неверство, не мислам дека постојат исклучоци. Тоа е само живот.
>>Што мислиш дека е пораката на филмот за љубовните врски?
-Секогаш кога се случува крај, следи нов почеток. Никогаш не знаете што следно ќе се случи. Не смеете да трошите време и енергија и да кукате за она што се случило или за она што би можело да биде… Врските доаѓаат и одат, остануваат и еволуираат, но важно е да останете живи.
>>Ти и Лесли во филмот сте дотерани и изгледате заносно. Дали мислиш дека е неизбежно жените да изгледаат што е можно попривлечно и секси за да му угодат на мажот?
-Тоа е дел од природата. Ние сме животни, и на одредено ниво тоа ни доаѓа вродено. Тоа е како кај птиците, тие имаат перја со причина, ги шираат и ја менуваат бојата за да заведуваат. Секое животно го има тој инстинкт. Тоа е дел од размножувањето, да се направиме поатрактивни за другата личност и тука нема ништо лошо.
>>Во една сцена носиш бел бикини на плажи и изгледаш прекрасно. Дали имаше некој посебен фитнес режим пред снимањето?
-Не, не работев никаков конкретен тренинг за овој филм, само оној мојот редовен три до четири пати неделно. Всушност, во последно време не вежбав толку многу како вообичаено, бидејќи бев многу зафатена. Но, за мене благосостојба е да се грижите за себе од вистински причини, да бидете најдобри што можете и да не се менува заради некој друг.
>>Ти си пример за другите жени и неодамна напиша фантастична книга The Body Book (Книга за телото), која е сеопфатна и има корени во науката. Каков совет имаш за младите жени кои се загрижени за својот изглед?
-Проблемот е што жените се убави, другите ги гледаат како убави, но тие не се гледаат себе си како убави. Причината поради која ја напишав оваа книга е затоа што чувствувам дека не го цениме тоа кои сме, или она што го имаме, а тоа е затоа што ние всушност не живееме во телата што ни се дадени. Ние не разбираме како функционираат нашите тела, па не сме во можност да им го обезбедиме она што им треба. Многу се споредуваме со другите жени, а тоа е губење енергија и време. Моите потреби, моите барања, мојата енергија и физички капацитет се целосно различни од твоите или на било која друга личност. Откако ќе разберете како вашето тело работи на клеточно ниво, вие сте во можност да имате тело какво што треба да имате.
>>Во филмот носите прекрасна облека, како соработуваше со костимографката Патриша Филд (Сексот и градот)?
-Јас и Патриша уште на почетокот се договоривме дека Карли е модерна жена која се гордее со својот изглед. Сакав секогаш да биде дотерана. Таа всушност секој ден се дотерува, ја фенира косата, ги средува ноктите, се шминка. Карли е високо функционална единка, врвен адвокат што сè постигнува. Сметам дека облеката тоа добро го претставува.
>>Дали и си приватно секогаш дотерана?
-Не. Моето „дотерување“ се состои од фармерки и маичка.
Нема коментари