Дизајнерката Јована Филиповиќ иако пред неполна година го промовираше своето ателје, поради зголемениот интерес и побарување на нејзините креации, таа в четврток ќе го открие новото далеку поголемо модно ателје. Прво во март се презентира на парискиот шоурум Be Next што се одржа за време на модната недела каде што ја прикажа колекцијата за есен-зима 2015/16, а потоа и во Шангај, во шоурумот на Alter, каде што сега ќе може да се најдат нејзините креации. Филиповиќ го следи светскиот ритам на прикажување на колекции, па по создавањето колекција една сезона порано, сега ќе презентира колекција од категоријата ресорт, а подоцна и креации за сезоната пролет-лето 2016. Но пред отркивањето на новото ателје и ресорт колекцијата, со Јована се гледаме вечер во „Цреша“, каде што на изложбата „Дизајнерите за Trash Fashion Macedonia“ во огранизација на ОХО ќе претстави своја креација направена од рециклирани материјали.
Изминатиов период се посвети на промоција на меѓународниот пазар и се претстави на шоурум прво во Париз и потоа во Шангај. Какво беше искуството и дали тоа значи дека веќе твоите креации се продаваат и надвор од Македонија?
- Да, пред два месеци бев дел од два шоурума, во Париз и Шангај. Искуството беше различно од досегашното и за мене претставуваше и еден вид на „школо” за тоа како и на кој начин треба да се работи. Имав можност да соработувам со луѓе кои се директно инволвирани во креирање на светската мода, да научам многу нови работи но и да ги воочам сопствените грешки. Мислам дека е искуство што секој дизјанер би требло да ги има, за да може да ја развива креативноста и својата работа во вистинската насока.
Дел од колекцијата Resort 2016 што дизајнерката ќе ја презентира в четврток на отворањето на новото ателје
Во Париз и Шангај всушност ја претстави колекцијта за идната сезона, есен-зима 2015/16, од што се состои и дали ќе почекаме до есен да ја откриеш пред домапната публика?
- Да, во октомври 2015 ке ја претставам колекцијата за претстојната есен/зима сезона. Во меѓувреме ке ја презентирам и колекцијата наречена „Resort 2016”, како најава за колекцијата пролет-лето 2016.
Покрај новата Resort колекција отвораш и ново ателје…
- Иако пред само една година го отворив првото модно ателје, работата налага да се проширам во нов, поголем и поорганизиран простор. Во четврот, на 21 мај ќе биде отворање на новото модно студио, и моето ново креативно катче каде што воедно ќе ја претставам и новата Resort 2016 колекција.
Како ќе изгледа новиот простор и колку е продолжување на твојата модна естетика?
- Поради потребите новиот простор сега ќе биде нешто помеѓу шоурум и студио. Тука ќе можат да се купат сите колекции, тие што ќе бидат пуштени во сериско производство, а исто така и уникатните парчиња облека. Ќе биде простор каде што јас ќе работам, творам и каде што ќе ги создавам сите идни колекции.
Од овие материјали дизајнерката прави шешир за „Дизајнерите за Trash Fashion“
Ново е исто така што беше ангажирана да креираш шапка од рециклирани за настанот „Дизајнерите за Trash Fashion“. Како ќе изгледа твојот дизајн, која е почетната инспирација и од какви материјали е направен?
- Инспирацијата ми беше да создадам нешто „навидум носливо” и затоа избрав да направам шешир. При изработката на дизајнот најмногу искористив картон и хартија, во комбинација со текстил и вистинско цвеќе како детал.
Зошто е важно да се промовира концептот на самоодржлива мода, да се подигне свеста за заштита на животната средина, како и реискористување на стари материјали и облека за нов дизајн?
- Важно е затоа што секој ден земјата сè повеќе и повеќе се уништува, и се натрупува со синтетички материјали кои знаеме колку негативно влијаат на сè околу нас. Кога сите по малку би земале учество во заштитата на средината во која што живееме, кога сè повеќе би имало настани од типот на Тrash Fashion, и ние дизајнерите повеќе користиме природни и рециклирани материјали во своите дизајни, животната средина би била по благодарна.
Дали самоодржливата мода е иднината на модната индустрија?
- Сметам дека да. Освен еколошката предност, мислам дека е добар начин да се развие креативноста на дизајнерите и да се поттикнат да прават облека од самоодржливи материјали. Материјали кои даваат можност за експериментирање и создавање на нови интересни и уникатни дизајни.
Во минатите два месеци ја презентираше коелкцијата за есен-зима 2015/16 во Париз и Шангај за време на тамошните модни недели
Имаш ли совет како да се искористат стари парчиња облека и да се стилизираат на модерен начин? Што е клучно за да се создаде допадлив и повторно нослив дизајн од стара облека?
- Не многу луѓе кај нас сакаат да носат и да реискористуваат стари парчиња облека. За жал. Сметам дека многу поуникатност би имало на улиците доколку тоа би се правело. Треба само малку имагинација, добар кројач и за многу малку пари имате ново, уникатно и носливо парче облека.
Подолго време си на домашната сцена и твојата кариера се движи по нагорна линија, колку си задоволна и што се плановите за следниве месеци?
- Последниве месеци „пораснав” и како дизајнер и како човек. Доживеав искуства кои ми помогнаа и ме насочија кој една поинаква насока. Искрено, ниту се надевав ниту пак очекував дека ќе се случат оваа година, така да сум навистина многу задоволна. Сега ќе продолжам да работам и создавам со уште поголемо темпо, и полека да го ширам брендот надвор од границите на Македонија.
Нема коментари