По подолго отсуство од модните писти креаторката Јасмина Дракул в рамните на Моден викенд-Скопје најавува претставување на новата колекција наречена „Во полн сјај“, серија на раскошни венчаници и свечени тоалети кои ја рефлектираат убавината на жената во нејзината потполност.
-Моите креации заедно со природната физичка и духовна убавина на денешната жена, создаваат убавина која зрачи во полн сјај. Токму затоа и колекцијата го носи истото име. Инспирацијата потекнува од секојдневните работи, од едноставноста на убавината, од магијата на убавите дизајни, од безобројните бои и материјали со кои создавам историја. Сакав да го постигнам балансот со оваа колекцијата, да не наметнувам, туку да дозволам жената да ја живее мојата колеција и да биде своја во истата – изјави дизајнерката.
Дракул во колекцијата користи природни материјали во различни форми. Покрај свилата која е доста застапена во колекцијата, бидејќи станува збор за поелегантна линија, доминира и рачната изработка со разнобојни кристали.
-Линијата е оригинална. Навистина се трудам да се инспирирам од светските трендови, но не и да робувам на истите. Мислам дека секој дизајнер треба да се инспирира од својот персонален поглед кон светот, и да создава свој оригинален правец, без да се поистоветува со она што го прават другите. Мојата колекцијата може да ја носи секоја жена која така се чувствува. Како што веќе кажав, со оваа колекција оставам слиен простор во која внатрешната убавината на жената ќе дојде до израз, и затоа сметам дека не постои конкретна и единствена група на жени за кои е наменета – ни рече таа.
Според Јасмина, ревијата ќе се одвива стандардно, ќе има подароци за гостите, а од неа очекува да и’ донесе промоција на нејзиниот труд и работа. Креаторката вели дека сака луѓето да видат што има сработено, да ја почувствуваат нејзината енергија и да се пронајдат во креациите. По претставувањето на Моден викенд, колечцијата ќе може да се набави во нејзиното ателје во населбата Мичурин, Скопје. Вели дека искрено не сака да го предвидува успехот на колекцијата, најважно е луѓето да ја почуствуваат нејзината енергија и да ја разберат пораката на колекцијата. Дракул работи долги години во модата и мисли дека нејзините дела треба да кажат повеќе за неа, отколку зборовите.
-Во изминатиов период работев на различни проекти мегу кои би го издвоила креирањето на фустанот на „Givenchy“ за парфемот „Play”. Во 2014 година ме очекува доста работа. Освен Модниот викенд, ќе имам и многу други ангажмани.
Распоред на ревиите на Моден викенд-Скопје на следниов линк – FWSK ss14
Нема коментари