Париз, срцето на модата е сон на секој кој е дел од неа. Но, Изет Цури не е сонувач, туку пасиониран вљубеник во својата работа. И токму тоа е она што од скопската калдрма ќе го донесе директно до couture ателјеата во Париз каде во градењето на својата 40-годишна кариера како моделар и дизајнер ќе се стекне со особена почит од највисоките модни кругови и доверба на клиенти со многу звучни имиња.
>>Личните приказни на успешните во модниот бизниз најчесто се анегдотски обоени и интересни за раскажување, и токму таква е и Вашата. Како започна Вашето танго со модата?
-Најинтересно е тоа што јас кога отидов во Париз, отидов на кратко време и таму ги потрошив сите пари. Јас се обратив во нашата, тогашна југословенска амбасада и тие ме пратија кај еден шнајдер кој што шиеше за една фирма. Таму ми дадоа да сошијам еден модел. Кога ги завршивме моделите тие ги испратија во фирмата за која што беа наменети и сите модели беа вратени само мојот не. Тогаш дојдоа од таа фирма да видат кој го сошил тој модел. Тоа беше фирмата Hermes, најпозната и најлуксузна фирма и до ден денешен. Тие ми понудија работа. Ми понудија да ми ги средат документите и да ми помогнат за се што ми е неопходно. Кога ќе влезеш во такви кругови, таму доаѓаат познати клиенти. Тогаш во Hermes немаше колекции туку се шиеше за нивните бутици и клиенти. Јас го продолжив она што го знаев од Скопје – да шијам, само што ова беше на едно многу повисоко ниво. Во станот кој што ми го обезбеди фирмата решив во една мала соба да поставам машина и да шијам. Во Hermes имаше работи кои чинеа многу скапо, можеби денешни 10.000 евра. Јас на персоналот од таму почнав да им ги шијам истите работи, само за многу поевтини цени. Тие почна да ги праќаат своите пријатели кај мене. И така почна таа моја авантура јас сам да шијам. Истовремено одев и во училиште и работев. Па така шиев за еден, за друг и тоа се дозна наоколу. После една година направив своја фирма која не го носеше моето име и така започна целата таа голема авантура.
>>Што беше пресудно за Вашиот успех?
-Моето здравје и работа. Ништо друго! Кога ќе влезете во таква екипа во Париз за да опстанете треба да работите двапати повеќе од Французите. За да бидете успешни треба да работите трипати повеќе од нив. За да имате клиенти треба да направите нешто подобро, побрзо и поевтино од нив. На крај кога сè ќе соберете, тоа е само работа. Луѓето сакаат по мера, луксузно, брзо, квалитетно, уникатно… Тие сакаат да учествуваат во својата креација. Така од почетокот бев занаетчија, таму завршив високо образование, но јас цел живот се чувствувам како занаетчија. Имам предност пред големите имиња затоа што знам да кројам, шијам и цртам.
>>Како се развиваше Вашата кариера, со кого се имате работено?
-На почеток работев за Hermes, тоа за мене е најстара и најлуксузна фирма во светот, а потоа работев за Tјери Муглер. Таму го запознав човекот кој за мене е најголемиот мајстор во светот, на ист ранг како моите мајстори во Скопје – Азедин Алаја. Потоа соработував кратко време со „Шанел“, помагав за првите колекции на висока мода на Жан Пол Готје, но до ден денес сум останал со мојот голем мајстор Алаја.
>>Високата мода е виртуелен свет за мнозинството луѓе, како изгледа тој езотеричен, недостижен свет од внатре?
-Денес во целиот свет има само 900 луѓе кои се облекуваат по висока мода. Светот на високата мода воопшто не е затворен, но тоа е друга група на луѓе кои одат во други ресторани, други манифестации, друг начин на живот… Тоа е друг круг на луѓе каде не може секој да влезе, и затоа се нарекува затворен круг. Во тој свет треба да имаш многу култура и многу, многу, многу повеќе пари.
>>За дизајнерската работа се знае помалку или повеќе што претставува, но кога станува збор за моделар, што тоа всушност значи и колкава е важноста од тоа?
-Пред 50-те години никогаш не се споменува името моден креатор, дизајнер или стилист. Пред тоа се споменува само кројач. Околу 1957 година се споменува името Ив Сен Лорен. Тогаш кројачот е поделен на дизајнер, стилист, оној кој крои, оној кој шие… Професии кои и ден денес постојат. Кај еден моден креатор ако нема моделар тогаш не постои ништо. Дизајнерот знае само да црта, моделарот знае сè, знае да крои да шие, да пегла, да направи форма. Моделарот го заменува некогашниот кројач. Индустријата имала потреба од таква поделба. Кај сите креатори шеф е моделарот. Моделарот е архитектот на едно дело. Моделарот во една фирма е најбитната алка за една колекција. Моделарот е темел на секоја колекција. Тој е сè она што претставува техника во една колекција.
>>Вашето име не е широко распространето, но затоа е добро познато и почитувано во интерните високи кругови. Вие не создавате колекции, туку работите по нарачка, што е највисокото ниво во модата, но и најтешко?
-Професионалниот круг во Франција ме познава. Мене сите ме знаат како мајстор. Широката маса ги знае луѓето кои двапати годишно прават модни ревии, кои прават колекции. Затоа тие имаат потреба од реклама, јас немам таква потреба. Јас минимум шест месеци однапред сум зафатен и немам потреба од колекции и такво експонирање. Јас работам по мерка, јас не работам индустриски.
>>Се сеќавате кои беа Вашите први клиенти?Како почна таа соработка? Дали славните се комплицирани за работа?
-Првите мои клиенти беа глумци од театар. Тоа се огромни имиња во францускиот театар. Едно од првите славни имиња во Франција за кое работев е Изабел Аџани , позната француска глумица која тогаш имаше само 15 години. Сум работел за Жерард Депардје, Кристофер Ламберд, Шон Конери, Моника Белучи, Жан Жак Ану и многу, многу други. Затоа го добив прекарот во Франција ,,кројачот на ѕвездите”. Тие воопшто не се комплицирани затоа што знаат што сакаат. Тоа се големи професионалци кои ја почитуваат работата на мајсторот.
>>Дали е потребно да се праша што претставува модата за Вас, сега по толку години и колку низ целата кариера Ви се менуваше ставот и односот кон неа, колку Ви значи креативно и персонално?
-Сè до 80-те години модата била присутна кај сите, па и кај мене. Модата не беше некој подвиг само кај мене. Тоа е подвиг и во автомобилската индустрија, дизајн, музика… Тоа е промена во светот и сето тоа е мода. После 80-те години апсурд е да се каже мода. За мене модата е нешто кое е ново. Ако се постави прашањето што е денес модата, можам да кажам дека модата денеска е стил. Секој креатор има свој стил, секој купувач има свој стил. Денес имаме среќа што постои огромен избор, за малку пари да изгледаме елегантно. Така што секој може да го изгради својот стил.
>>Во градењето на кариерата партиципира и работата на филм и на опера во форма на костимографија. Какви и кои се тие искуства?
-Кога работите во светски познати филмови, нормално е да доаѓаат познати личности кај вас од кој било домен. Најважен е професионалниот и пред сè e човечкиот однос кон луѓето поради што тие самите одлучуваат да ви ја дадат довербата и да бидат ваши клиенти. Често пати сакале јас да им ги правам костимите, а не костимографот. Таков е случајот од сите домени на спектакли, каде луѓето сами ме контактирале. Тие во приватниот живот се облекувале кај мене и сакале истото да го пренесат и во професионалниот живот на сцена. Затоа сите новинари во Франција ме нарекуваат ,,кројачот на ѕвезди”.
>>Сето Ваше знаење подолго време го пренесувате на младите, сега ќе им го овозможите тоа и на талентите од Македонија. За каква едукација станува збор?
-Јас сум должен. Должам на мајка ми која ме натера да го научам овој занает, должам на моите мајстори за она кое што денес го знам – на мајстор Страхил Јакимоски-Цале, Благоја Ангелковски, Томе Малиновски, големите македонски кројачи и нормално должник сум на мојот голем мајстор од Франција, Алаја. Отидов во Франција за да научам нешто што го нема овде. Овде немавме услови, училишта, простор за мода. Сакам да им ја дадам шансата на луѓето во Македонија која што ја немав јас. Затоа се чувствувам должен да го направам тоа. Сакам своето знаење да го споделам со младите таленти во Македонија. Во октомври во Стара скопска чаршија стартуваме со училиште кое ќе го носи моето име, на почеток ќе започнеме со курсеви за во наредната година целото тоа се дополни со високо образованиe.
Нема коментари