Во современиот свет вештачката интелигенција (AI – Artificial Intelligence) има широка употреба, а се користи и во модата, на пример во продажбата и купувањето онлајн, преку апликации кои служат како виртуелни пребарувачи и стилски водичи, но за модни фотосесии и фоторафии генерирани со AI. Забележуваме дека AI веќе наоѓа примена и на домашната сцена, но се чини дека модната дизајнерка Искра Џокиќ Кецап е меѓу првите, ако не и првата, која што вклучува вештачка интелигенција во креирањето облека и модни дизајни, поточно своите идеи ги претвора во дигитализирани дизајни. Таа исто така е CLO 3D дизајнер и уметник со реализирани студии на Accademia Italiana и Тоkyo University of the Arts, со талент и искуство во модната индустрија, како и во полето на костимографија. Со Искра зборувавме на тема AI-Fashion, спојот на модата и технологијата, а за почеток ја прашавме како функционира AI во модата и што е мода направена со вештачка интелигенција.
-Иднината е сега. Како што сме сведоци на моментумот кој AI го завзема во другите сфери, така пред одредено време беше активирана и Midjourney,независна истражувачка лабораторија која ја произведе истоимената вештачка интелигенција за креирање на дизајни. Midjourney од вашите идеи, фантазии, па дури и вашите сништагенерира дигитални дизајни. Дизајнот се креира на начин што треба своите идеи да ги преточите во зборови и да ѝ ги пренесете на вештачката интелигенција, каде што таа визуелно ќе ја креира вашата замисла.
Она со што ти се занимаваш е дизајнирање на облека со AI, како се појави овој интерес за имплментирање на вештачка интелегинција во твојот креативен свет?
-Појавата на дигитално визуелизирање на модни дизајни е нешто што, веќе поодамна во светот е актуeлно и се развива во големи размери. Следејќи ги овие трендови, кои предизвикаа голем интерес кај мене, почнав да го истражувам овој дигитален свет, преку програми како CLO 3D и природно се заинтересирав за дизајни генерирани со помош на AI, кое за мене отвори нови димензии на креирање/дизајнирање.
Какви визуелни решенија создаваш/ креираш со помош на вештачка интелигенција? Како изгледа процесот на создавање модни креации со помош на AI?
-Дозволувам да ме води инспирацијата, креирам често носливи дизајни и аксесоари со впечатливи детали, но и поавангардни креации кои би можеле да бидат моден тренд во иднина, затоа што сакам да работам на иновативни решенија.
Во моментов во тек е еден светски натпревар за AI-fashion на кој и ти се пријави…
-Во моментов е во тек конкурс на dressx.com каде што учествуваат дизајнери од целиот свет. Би сакала уште да напоменам дека искуството од учеството во конкурсот е уникатно, бидејќи покрај тоа што ги гледате своите идеи како се претвараат во дигитализирани дизајни, можете да ја видите имагинацијата на голем број дизајнери од цел свет.
Дали оваа техногија ќе ги замени модните дизајнери? Кои се всушност предностите и недостатоците на AI во сегментот на модата?
-Интересно прашање кое што поставува многу дилеми со кои се среќаваат и уметници од други области, каде што се појави АI. Дали машината може да го замени човекот? Мое мислење е дека колку и да успева AI да ја долови мислата на креаторот на дизајнот, не може да го направи тоа како што е замислено од самиот него, туку може да понуди свои решенија и варијации на истите. Или како што вели насловот на една книга „Do androids dream of electric sheep?“, развојот на АI е неизбежен, но добрата страна е дека ова ги отвара можностите за секој да ги испроба своите дизајнерски способности. Сепак тој дизајн кога би сакале да го преточиме во реалниот свет, потребни се претходни знаења од моден дизајн, како и дигиталните алатки за креација како што е CLO 3D.
Сметаш ли дека вештачката интелигенција може да најде примена во македонската мода и индустрија?
-Веќе наоѓапримена, а мислам и дека допрва ќе се развива. Доколку има некој заинтересиран, или има потреба од применана иновативни дизајнерски решенија со помош на AI, jас сум секогаш отворена за соработка. Секој може да стапи во контакт преку мојот Инстаграм профил the_walking_dressed.
Работиш и со 3D технологија, која е разликата во креирање со AI и 3D?
-За да сето она искреирано со помош на AI се пренесе во реалниот свет и да се изреализира за да биде носливо, 3D алатките овозможуваат да се измоделира и визуелизира дизајнот. Оваа програма и во принцип бара познавање на материјали, шиење и конструкција на облека и е многу прецизна. Но исто така, нуди фантастични алатки за визуелизација и тука би сакала да спомнам дека сум инструктор за онлајн програмата Визуелизација во CLO,за која не е потребно претходно познавање на софтверот,и сите заинтересирани може да се пријават на следниот линк: http://fashion-freelancer.mk/napredni-obuki-i-masterklasovi/. Исто така можете да изберете и од големиот избор на програми кои се нудат на истиот линк.
Каде можеме да ги видиме твоите AI и 3D креации?
-За креациите како и за новости, заследете ме на Инстаграм профилот: the_walking_dressed.
Колку помагаат овие технологии во изведувањето на „физички“ модни парчиња кои подоцна ќе можеме да и носиме?
-3D софтверот помага во брзо и едноставно креирање и визуелизација на дигитални прототипи, кои се во склад со најновите стандарди за одржливост во областа на модата. Опциите се неограничени кога станува збор за модификации на еден прототип, а исто така значително го скратува потребното време за изработка за истите.
После дипломата на Accademia Italiana школувањето го продолжи во Токио, како го доживеа престојот во Јапонија и колку влијаеше на твојот креативен израз и стил?
-Истражувачкиот дух ме однесе дури до Токио каде што со стипендија доделена од jапонската влада ги истражував jапонските традиционални текстилни уметности на TokyoUniversity of the Arts. Нивната посветеност во обид да го достигнат совршеното, не само што им е дел од секојдневието, туку особено се чувствува во работната средина. Додека учествував како практикант на Amazon Fashion Week Tokyo,запознав луѓе од целиот моден свет и имав можност да ги видам ревиите на проминентни jапонски модни дизајнери. Она кое го научив и доживеав таму, како и целата таа естетика доведена до совршенство, остави трага врз мојот развој како дизајнер и уметник.
Нема коментари