Инспирирана од водата како извор на сиот живот и од тоа дека таа, како и модата, никогаш не исчезнува туку само ја менува својата форма, младата дизајнерка Ирина Тошева ја создала својата нова колекција за пролет-лето 2015, наречена „Енхалон“. Името на колекцијата е всушност старото име на Струга, каде што неодамна ја сними промотивната фотосесија за линијата.
-Струга ми е омилено место за одмор, релаксација и задоволство. Сакам да ги пренесам овие чувства и затоа фотосесијата беше снимена таму. Луксузниот хотел „Изгрев“ како совршено место пред своето повторно отворање во април, ширум ги отвори своите врати, а дел од моделите беа фотографирани и на неколку мои драги струшки локации. Токму таму каде што црпам инспирација. Соработував со мојот веќе проверен тим. Фотографот Миладин Паповиќ и прекрасната манекенка Ивана Гелева (модна агенција „Подиум“). За шминката беше задолжен Виктор Мирчевски, за фризурата Сашка Кузмановска, а креативен директор на проектот е Кристина Манчева. Накитот и часовниците на My:time, очилата за сонце на Panda Optic и чевлите од Chantel одлично ги надополнија моделите-вели Тошева, која ќе ја промовира колекцијата на претстојниот Моден викенд-Скопје, на 4 април во 21 часот во катната гаража „Солунски конгрес“ .
>> Kако би ја опишала колекцијата во неколку зборови и дали при нејзиното создавање се водеше од актуелните светски трендови?
-Застапени се сино-бели тонови и разиграни принтови, интересни кроеви од мек памук и сјаен сатен, кои ќе ја разбрануваат вашата фантазија. Сините тонови и кроевите, инспирирани од кимоното, се меѓу светските модни трендови за оваа сезона, а облеките се повторно за млади и урбани момчиња и девојки и оние кои така се чувствуваат. Машките модели ќе бидат застапени во поопуштена варијанта од вообичаено.
>> Минатата сезона одушеви со украсите во форма на зебра. Со какви модни додатоци ќе ги надополниш моделите овој пат?
-Новата колекција ќе биде збогатена со чанти, ранчиња и шапки.
>>Според бројот на учесници ова е едно од најоскудните изданија на Моден викенд-Скопје. Што мислиш, зошто има толку мал број на домашни дизајнери-учесници овој пат? Дали како редовен учесник ти фали поголема конкуренција и понуда на овој настан?
-Модниот викенд е единствената платформа кај нас за промоција на новите колекции и навистина ми е жал што оваа сезона ќе недостасува разноликост и богата програма. Дали вината е во малата поддршка од бизнис секторот за спонзорирање на модните дизајнери или големите трошоци при изработката на секоја колекциј,а не би можела да кажам. Почнавме да се движиме напред градејќи некоја модна култура и не смееме да си дозволиме стагнација на модната сцена.
>>Како е замислена твојата ревија овој пат, дали ќе биде збогатена со музика од домашен бенд/изведувач?
-Сакајќи да понудам целосен македонски производ веќе неколку сезони користам музика од наши бендови и изведувачи. Барањето музика ми е еден од омилените делови при подготовките на ревијата. Ме радува што тоа е често поздравувано од гостите на ревијата, а и самите музичари се пресреќни и почестени кога ќе ги исконтактирам. Традицијата продолжува и оваа сезона, овој пат со музика од The John.
>>По ревијата во Скопје колекцијата ќе ја претставиш и на Модната недела во Љубљана, на 13 април. Какво е сценариото за презентацијата и каде ќе се одржи? Подготвуваш ли креации плус за таму?
- Моден викенд-Скопје од оваа сезона започнува соработка со Модната недела во Љубљана и тамошните организатори ме поканија мене како прв дизајнер од Македонија кој ќе ја претстави својата колекција таму. Вечерта на 13 апри ќе биде посветена на дизајнери од поранешните југословенски простори кои ќе ги прикажат своите најнови колекции, меѓу кои и јас.
>>Ова второ твое презентирање во Словенија, по промоцијата на Месецот на дизајн во Љубљана минатата есен каде што во соработка со Александра Шекутковска создаде уникатни чанти. Какво е искуството по претходната презентација и какви се очекувањата за оваа?
-Месецот на дизајн беше одлично дружење и можност да се види дизајнот од нашите простори на едно место. Концептот овој пат со Модната недела е сличен и го очекувам со нетрпение. Дел од моите креации се веќе достапни во тамошна концептуална продавница, но по ревијата се надевам ќе имам можност и за повеќе соработки. Од досегашното искуство Словенците се љубители на минимализмот и носливоста, двете клучни нешта во моите дизајни.
>>Редовно соработуваш со други креативци (Александра Шекутковска, Нина Симовска, Design and berries…) и често си застапена во разни кампањи и настани. Какви ти е плановите за оваа пролет, има ли на повидок некоја таква соработка?
-Планови секогаш има еден куп, но времето е кратко. Пролетта покрај колекцијата и ревијалните претставувања е посветена и на матурантките и невестите. Во преговори е и една интересна филантропска кампања, повторно соработка во која ќе вклучам повеќе дизајнери и тимот на „Лице в Лице“, но за тоа, во друга прилика.
>> Миленичка си на блогерите и на твитер заедницата. Во што лежи тајната за освојување на нивните симпатии?
-Нема никаква тајна. Отворен и искрен пристап, природност и приземјеност. Посебно сум среќна што низ годините голем дел од блогерите станаа и мои добри и драги пријатели. Модата знае да поврзе луѓе што слично размислуваат.
Нема коментари