Прв поглед на новата колекција „Раскажувачот“ (Фото: FWSK)
Девојките од дизајнерскиот тим Hard to Explain, Катерина Попева и Марија Дацевска, ја привршуваат колекцијата со работен наслов „Раскажувачот“ со која на 2 април ќе го отворат овосезонското издание на Моден викенд-Скопје. Моделите од новата колекција се наменети за пролет-лето 2014, но според авторките тие ќе може да се трансформираат и со додавање и одземање на детали ќе може да се приспособат за претстојни сезони.
Катерина и Марија инспирацијата за оваа колекција ја црпат од бајките и од мислата „Бајките постојат да бидат напишани во боја. Оваа, ќе ви ја раскажам онака како што ја запомнив, не како што навистина се случи…“. Преку текстот на раскажувачот, кој ќе нè води низ целата модната ревија/перформанс, а кој локациски е сместен на калдрмата во Скопска чаршија точно пред ателејто на Hard To Explain, ќе имаме можност да ги погледнеме новите авангардни креации на дизајнерките.
Ателјето Hard To Explain и претходно се има претставено на Моден викенд-Скопје
-Ателјето за цел си постави парчињата кои ќе бидат претставени на оваа ревија да бидат безсезонски, односно за употреба низ целата година. Она по кое ќе биде запаметена оваа ревија и она што ќе предничи во неа, секако сè уметничкиот авангарден пристап на ова модно атеље кое веќе се наметна во модниот круг со својот препознатлив поетично авангарден стил, но овој пат сета таа приказна ќе биде раскажана на еден поинаков бајковит начин во кој ќе биде задржана поетичноста и уметноста, кои дополнително ќе и’ дадат свежина на целата ревија, односно перфомансот, а секако ќе биде и новитет во авангардниот пристап на модното ателје Hard Tо Explain – ни објаснија дизајнерките.
Оваа година се одлучија за поинаков пристап, да ја поврзат модата со уметноста и затоа сите креации се поскулптурални, има многу рачна изработка и на секое парче е посветено време и енергија како за уметничко дело. Но сепак, според нив креациите се носливи. Боите се пастелни и по смирени, најмногу се употребени тонови на сивата боја, користат свила, памук, кожа и природни материјали, потоа хеклана жица за која велат дека е многу интересна за работа, како и други експериментални материјали кои се обиделе да ги направат носливи. Колекцијата тие ја наменија за храбри и смели жени со веќе формиран и изграден стил.
Детали од новата колекција
-Во принцип не следиме светски модни трендови, секако може да се провее по некоја нота на некаков тренд, но секогаш како дизајнери и уметници се обидуваме сами да го наметнеме трендот кој мислиме дека ќе биде актуелен за претстојната сезона.
Со новата колекција Hard To Explain всушност ќе го отворат претстојното издание на FWSK, а средба на закажуваат на 2 април пред своето ателје во Старата Чаршија. Токму на улицата пред ателјето, околу бандерата „исплетена“ со разнобојни конци (која стана заштитен знак за нивната продавница), ќе се случи малку неконвенционално претставена ревија.
Од минатогодишната колекција
-Главната цел на оваа ревија/колекција е низ перформанс да се раскаже една посебна приказна за градот Скопје, кој погледнат од очите на авторите на колекцијата е сместен на калдрмата во чаршијата и живее една своја посебна бајка.За ревијата ќе биде подготвена и сценографија во духот на инспирацијата. Ќе се свири на инструмент и во позадина ќе има матрица. Со поинаков пристап сакаме да ја доближиме уметноста и да ја поткренеме модната свест во државата. Со оваа презентација сакаме да прикажеме дека Модниот викенд не е настан на кој е задолжително присуството за да „бидеме видени и фотографирани“, туку е културна манифестација на која посетителите треба да бидат доволно инспирирани за да размислуваат за модата и уметноста на еден поинаков начин – ни објаснија девојките од Hard To Explain.
Колекцијата потоа ќе биде изложена во ателјето Hard to Explain (кое се наоѓа во Старата чаршија, спроти барот New Orleans). Катерина и Марија веќе размислуваат за неколку проекти кои сакаат да се реализираат во нашата држава, а кон крајот на 2014 година планираат нешто и надвор од овие граници.
Нема коментари