Љубовта кон рачната изработка и желбата да создадат уникатни и препознатливи модни додатоци обединила четворицата креативци во една приказна – Farina’s handmade. Марина, Надица, Елена и Марјан повеќе или помалку имаат допирна точка со дизајнот. Почнале со изработка на накит од најразлични материјали, новогодишни и роденденски честитки, украси и многу други предмети кои првично ги продавале на улица. Но, со упорност и посветеност, успеаа да прераснат во препознатлив бренд со зад себе неколку јавни претставувања, како и да отворат сопствена продавница.
-Ништо не започнува преку ноќ, па така и Farina’s handmade се калеше постепено. Сите нè спои љубовта кон креирањето, а до тука нè донесе заинтересираноста за нашите производи и пофалбите кои секојдневно ги добиваме. Досега сме учествувале на повеќе базари и изложби, како што се Модниот викенд-Скопје, Paratissima, новогодишниот базар во хотел „Арка“, а неодамна, по четврт пат учествуваме и на базарот на „ДримOn“ фестивалот во Струга-велат тие.
Името Farina’s handmade произлегло од препознатливата разиграна и позитивна Фарина од серијата „Палавковци“, која ја поистоветуваат со духот на нивните изработки. Овие „палави“ трагачи по нови уникатни дизајни, форми и комбинации , секојдневно креираат обетки, ѓердани, брошеви, прстени, чанти и несесери во кои доминираат ведри бои и симпатични принтови во кои ќе се вљубите на прв поглед.
-Накитот го изработуваме од глинамол, кој рачно го сликаме со акрилни бои и на крај завршуваме со премаз од епоксидна смола, но користиме и пластична подлога на која лепиме испринтани сликички кои исто така ги премачкуваме со смола, додека торбите ги изработуваме од најразличен текстил, како што се на пример американ платно, чоја, скај, кожа итн. Експериментираме цело време, менуваме форми, бои, дезени за да не ни здодее ни нам ниту на нашите клиенти и обожаватели… Инспирацијата доаѓа неочекувано, некогаш нè инспирира некоја боја, друг пат форма, некогаш сетоа она што сме го прегледале од најразлични работи нашиот мозок го сумира и станува производ… Ретко се случува да не сработиме нешто во денот, окупирани сме со работата, дали физички или при барање идеи и инспирација, за нас сè е работа, многу ни значи тоа што не сме ограничени кога и колку треба да работиме, ја имаме својата слобода и уживаме во неа, веројатно затоа и постојано работиме – велат тие.
Најчесто клинтите им се девојки и жени од 22 до 36 години, но се случува да купуваат и мажи. Нивната продавница се наоѓа во Струга, позади одморалиштето „Мајски цвет“. Сите оние кои не се во можност да ги посетат може да ги најдат на нивната страна на Фејсбук Farina’s handmade и да го нарачаат она што им се допаѓа. Тие ќе им ги достават по брза пошта, која ги носи нарачките до врата. Се трудат да бидат достапни до пошироката публика, пред сè преку базари и изложби.
- Барем еднаш месечно учествуваме на некој настан, изложба, базар и слично. Сите досегашни случувања ни се значајни на свој начин, од сè учиме нешто ново, секој контакт што го остваруваме ни е важен. Но ако треба да издвоиме ќе го наведеме базарот во хотел „Арка“, кој воедно ни беше и прв базар откако почнавме да ја користиме смолата за израбтка на накитот. Настанот беше многу успешен, имаше голема заинтересираност и тој базар беше всушност најголем мотив да продолжиме да креираме сè повеќе и повеќе. Добивме покана за самостојна изложба во „Концепт 37“, па штом бидеме подготвени, првата самостојна изложба ќе ја правиме таму. Во иднина планираме постојано да го развиваме брендот. Како ќе биде, ќе покаже времето. Ако имаме поддршка од нашите фанови како досега, сигурно ќе имаме одлична иднина.
Зад нив е успешната презентација и на најголемото модно случување кај нас, Моден викенд-Скопје.
-Поканата за модниот викенд дојде сосема неочекувано, организаторката Светлана Богова Јовановска случајно наишла на нашата страница на Фејсбук. Ѝ се допаднале нашите изработки и така нè покани да учествуваме на настанот сите три дена. Тоа беше голем чекор напред за нашиот бренд, имаше голема заинтересираност и многу пофалби што секако беа голем мотив да продолжиме уште повеќе да работиме. Со Светлана сè уште соработуваме, нашите изработки беа дел од изложбата на Ани и Дими за Dojran resort, а Светлана беше пoсредникот за оваа соработка, а пред скоро време добивме и покана да нè претстави како бренд на модниот викенд во Кина-велат Марина, Надица, Елена и Марјан.
5 Коментари