Модната дизајнерка Ивана Цветковска претставува нова колекција за пролет-лето 2020, која, како што ни откри самата, почнала да ја создава пред појавата на коронавирусот, но дополнително приказната ја надоградувала и идејата ја разработувала во периодот на изолација. Резулатотот е синергија на светла и темна палета, на ден и ноќ, на мекост и сила, на сензуалност и страст. По дипломирањето на Европски универзитет, Ивана го основа својот бренд Evee by Ivana Cvetkovska, дизајнерката ја запознавме преку неколку колекции, соработки и ревии на Моден викенд, а брендот го развива во Куманово каде што има и свое ателје/продавница. Таа деновиве на социјалните мрежи почна да претставува фотографии со нејзини нови креации, во разговор со Ивана дознаваме повеќе за новата колекција и клучната инспирација.
-Инспирација за оваа колекција е редифинирање на женственоста. Колекцијата е олицетворение на женскиот дух, инспирирана од моќта и убавината. Креациите прикажуваат жена која презема одговорност и е силна, а истовремено е сензуална и страствена. Во суштина, претставува спој од сила и мекост.
Од што се состои колекцијата во однос на материјали, бои, кроеви, намена…?
-Колекцијата се состои од парчиња за дневно и вечерно носење, за состаноци или урбано ноќно излегување. Составена е од палта и панталони, тесни и лелеави фустани. Направена е синергија од различни форми и кроеви, како и контраст од црна и бела боја. Во колекцијата доминираат ситни каменчиња како додатоци кои претставуваат ѕвездено трепкање во темница. Колекцијата е наменета за секоја жена која одговара совршено на секоја улога што ја има и без напор навигира помеѓу цврст став и сензуална елеганција.
Колекцијата ја претставуваш преку фотосесија, кој е тимот со кој соработуваше во изработката на овие модни фотографии?
-Фотосесијата е направена на две локации во Куманово. Фотографиите ги направи Сандра Трајковска (e.motions_photography), шминката е на Симона Димитриевска (beautybysimonaa), а модели се Симона Ангеловски, Кристина Пеовска и Лидија Трајковски.
Од промотивната фотосесија можеме да забележиме еден дел во темни бои и снимен во подземна гаража во поурбана атмосфера и вториот во посветла палета и претставен во природа. На што се должи ова? Можеби еден дел настал пред епидемијата на коронавирусот, па потоа колекцијата се надоградувала за време на изолацијата…
-Да така е, колекцијата ја започнав пред ситуацијата со коронавирусот и замислата ми беше целата колекција да биде составена од парчиња во потемни нијасни изработени со ситни каменчиња. Но, потоа вонредната состојба ги промени сите планови, имав повеќе слободно време, па затоа решив да ја надополнам колекцијата со парчиња во посветли нијанси како одраз на светлите сончеви денови што следат.
Една си од малкуте наши дизајнери што претставува колекција во ова чудно време предизвикано од пандемијата на вирусот Ковид-19, какви се отвоите очекувања во однос на интересот и побарувачката од страна на модната публика после карантинскиот период? Каде всушност ќе се пласира колекцијата и како заинтересираните да дојдат до твоите креации?
-Оваа пандемија имаше и сèуште ќе има големо влијание врз побарувачката на модни креации, но очекувам дека модната публика во Македонија во следниот период ќе даде поголема поддршка на домашните брендови и креатори. Мислам дека квалитетот ќе биде поважен од кванитетот, ќе се купува помалку, но ќе се бира повисок квалитет.
Целата колекција од фотосесијата моменталнио е изложена во моето ателје и во овој период работам исклучиво со претходно закажување на термини за проби.
Забележав на Инстаграм некој интересен простор во кој се поставени твоите креации, дали е тоа твое ателје?
-Да, имам свое ателје кое се наоѓа во самиот центар на Куманово. Просторот е дизајниран во индустриски стил, преовладуваат сиви тонови, дрво и челични конструкции, колоритната удобна софа е внесена како декор кој го омекнува „грубиот“ индустриски стил.
Поголем дел од денот може да ме најдете таму во некој креативен mode, или скицирам некои нови модели или изработувам некое ново парче, а во позадина на телевизорот е секогаш пуштена некоја светска модна недела.
Како го дефинираш твојот стил на креирање?
-Стилот на креирање би го опишала како прилично романтичен, нежен и елегантен, моделите најчесто ја следат женската линија и ја нагласуваат женственоста. Обожавам да правам рачна доизработка на материјалите, везење на монистра и каменчиња, вметнување на детали по кои е препознатлив мојот стил.
Во 2013 година го основа својот бренд, се имаш претставено на Моден викенд, кои се клучните моменти во твојата кариера како дизајнер и кои се следните планови?
-Имам учествувано неколку пати на Моден Викенд Скопје и како студент со заедничка ревија и самостојно под брендот Evee by Ivana Cvetkovska. Модниот викенд според мене е одлична можност за претставување пред поширока модна публика во нашата земја и затоа планирам повторно во некоја следна прилика да учестувам. Моите планови за иднина вклучуваат развивање на брендот Еvee, негова поголема присустност во јавноста и да стане препознатлив по уникатната рачна изработка на моделите.
Нема коментари