Eлегантни, модерни и минималистички клуб маса, столна ламба, столче, штендер и закачалка ги красеа просториите на „Мала станица“ и салонот „Ауди-Порше Македонија“ за време на неодамнешниот Моден викенд-Скопје. Овие парчиња мебел предизвикаа голем интерес кај посетителите на настанот, кои одушевени се фотографираа покрај нив. Авторка на инсталацијата е младата и шармантна архитектка Ема Николова, која стои за брендот „Сино студио“. Оваа презентација дошла по покана на организаторите на FWSK.
-Добив покана од тимот Моден викенд-Скопје откако ја видоа мојата постановка на годинашното зидание на Skopje Design Week, што се одржа во Куршумли ан. Подоцна со преглед на новите исцртани дизајни заедно одбравме што да биде изложено на Модниот викенд, како една колекција. Секако, нашата соработка се одвиваше лесно, зошто и претходно имавме работено заедно. Во изработката на парчињата користев виткан пластифициран метал и комбинација на полно дрво и фурнир од даб. На клуб масата употребив техника на градиент, каде што дрвото постепено преоѓа од природната боја до целосно бела. Резултатот излезе одличен. Инспирацијата е во истиот дух на геометријата како и претходната колекција која беше изложена на SKDW 2014. Мебелот веќе може да се купи и нарача во концепт продавницата Smart Living, а од наскоро и во Lotus Design Store во Skopje City Mall.
>>Како ти се разви интересот за архитектура и како почна тојата приказна со дизајнот на мебел?
-Во архитектурата најдов сублимат од сите мои интереси. Првиот допир со архитектурата во детството беа старите списанија „Сам”, каде што креативното размислување беше претворено во акција. Таму прв пат имав можности да видам основи од куќи и објекти, и знаев да ги анализирам со часови. Исто помогнаа енциклопедиите и книгите за историја на уметност и архитектура. Приказната за мебелот само се надоврза на сето тоа. Со отпочнувањето на работата низ проектите едноставно имаше потреба од новопроектиран мебел по мерка, потоа создадов многу парчиња, секое со своја приказна.
>>Ти си дипломиран архитект. Каде сè ја градеше својата професионална биографија?
-По завршувањето на Студиите по архитектура во Скопје, учествував во добар архитектонски тим кој изработи повеќе идејни решенија, од кое едно доби трета зголемена награда на конкурс. Потоа, искуството го градев во неколку наши реномирани архитектонски студија и фирми специјализирани за мебел. Силен впечаток ми остави и комуникацијата со проф. Фолкер Албус (куратор, дизајнер и автор), еден од најбитните протагонисти на „Новиот германски дизајн” кои во рамки на нивната изложба „Поинаку од секогаш” одржа неколкудневна работилница.Во меѓувреме, учествував на меѓународен мултимедијален настан со уметничко дело во Италија и САД. Сите овие различни сфери на креативност на свој начин придонесоа за мојот развој во архитектурата и дизајнот.
>>Стоиш за брендот „Сино студио“. Кога и со каква замисла го основа . Кои сè креативни области ги опфаќа студиото?
-„Сино студио” го основав со замисла да функционира како една отворена лабораторија/работилница за истражување и реализација на новиот дизајн. Ова студио исто така се занимава со проектирање и изведба на ентериери и архитектура, а наскоро планирам да ја проширам дејноста со нови креативни форми.
>> Во септември се претстави на Skopje Design Week. Какво искуство за тебе беше оваа промоција?
-Оваа промоција беше одлично искуство и можност да видам и слушнам реакции кои ме мотивираа да продолжам со работа. Стекнав нови контакти и луѓе кои се занимаваат со дизајн. Бидејќи ова ми беше прва самостојна промоција, беше предизвикувачки да се создаде и претстави добра колекција.
>>Претставничка си на новата генерација дизајнери на мебел, кои преферираат модерен и минималистички дизајн. Како ти би го дефинирала својот стил и кој има извршено најголемо влијание врз твојот начин на творење?
-Ми се допаѓа тоа што почна да се појавува една клима на поддршка на нов дизајн и сѐ повеќе луѓе кои работат во тој правец. Сакам минимализам, секогаш се трудам да извадам максимум од материјалот и со малку да постигнам многу. Тоа ми дава чист израз на формата. Често знам да комбинирам неколку стила кога работам ентериери, меѓутоа во современ контекст. Влијанијата доаѓале и доаѓаат од различни страни, а нивниот спој се отсликува во самите дела. Од архитектите омилени ми се Оскар Нимаер, Френк Лојд Рајт, Рем Колхас и Кенго Кума.
>> Што ти е пресудно при креирање на ново парче?
-Формата, и функцијата веднаш зад неа. Битна ми е естетиката и изработката, но и употребливоста. Сакам секое парче да биде совршено убаво и употребливо, и да му е посветено внимание на секој детал. Секогаш се трудам да изберам квалитетни материјали и искусни соработници.
>> Со што се занимаваш покрај изработката на мебел и како функционира твоето секојдневие?
-Родена сум во Радовиш, живеам во Скопје. Имав среќа да пораснам во креативно семејство, каде имавме слобода и простор за сите наши идеи. Детската соба беше една голема креативна работилница, каде што еден ден се сечеше хартија, друг ден се шиеја фустани, се боеа материјали, се сликаше, се фотографираше и така ред разноразни „инженерски“ активности. Освен со изработката на мебел се занимавам со проектирање и изведба на ентериери и архитектура. Секојдневието заради природата на работата ми е разнолико, некои денови знам да ги поминам на компјутер цртајќи, други во акција, а тие најинтересните во работилница. Во секој случај, што и да работам, гледам денот да е исполнет со хармонија, зошто мислам дека само така можам да проникнам и да создадам нешто ново.
>> Која е твојата поврзаност со модата. Дали ја следиши и колку таа има влијание врз твојата работа како архитект?
-Модата ја доживувам како неразделен дел од животот. Истите влијанија кои ги приметувам во неа, ги има и низ современите начини на изразување, современата архитектура, дизајн и уметност на 21 век, како сѐ што е современо да потекнува од еден ист извор. Сите овие алатки го отсликуваат човекот на денешницата, зборат за нас и начинот на кој сакаме да се облекуваме, изразуваме. Всушност, сѐ тоа се сведува на едноставност и практичност. Приметувам една тенденција на новата креативна сила, животот да се направи поедноставен, поубав, подизајнерски. Сите сакаме да имаме современо парче облека, мебел, накит.
>>Твојата сестра Марија Павловска неколку години го гради препознатливиот бренд „Марија гарден“, кој е еден од најуникатнитекреатори на украси, подароци и честитки. Колку си помагате надополнувате и се инспирирате со Марија во работата. Какви совети си давате?
-Често знаеме да се консултираме за мислење.Си помагаме во работата, а кога работиме заедно доаѓаме до нови решенија и нови договори. Таа е многу креативна личност, а исто така дипломиран инженер-архитект, често знам да ѝ се восхитам и целосно да ме изненади со некоја нова креација. Планираме наскоро да ги вклопиме овие две техники во една колекција. Советите се обично во вид на поддршка, но исто така знаеме да размениме здрава критика, што понекогаш е потребна.
Нема коментари