„Отсекогаш ме инспирирал боемскиот начин на живот – слободата во размислувањето, облекувањето и однесувањето. Секогаш кога создавам некое ново парче облека на ум имам независна и храбра жена, која патува и открива нови предели во себе и во светот. Мојата девојка е креативна, со слободен ум и дух, храбро експериментира со материјали и не се плаши да комбинира неколку слоеви различна облека. Сакам уникатни парчиња облека, што раскажуваат некоја приказна, што имаат некое подлабоко значење. Ме привлекува невообичаениот микс на различни стилови и навидум неспоиви нешта. Отсекогаш ми се допаѓала неоптовареноста со облекувањето – да изгледаш добро, но да не поминеш премногу долго време размислувајќи за тоа“-ја почнува својата модна приказна новинарката и дизајнерка Елена Тодоровска-Ефтимова.
Креира уникатни рачно плетени здолништа, венчални фустани од памучна газа, кимона од индиски сари, плетени шалови, меки палта од неколку слоја материјал… Благодарение на нејзината онлајн продавница NaliniShop девојки во Париз, Данска, Германија, Јапонија и Америка носат дизајни со потпис на Елена.
Деновиве ја промовира својата нова колекција, за кога изработи фотосесија со манекенката Елена Анѓеловска.
- Квалитетните фотографии се неопходни за секоја онлајн продавница, па затоа соработувам со мојот сопруг и со фотографското дуо Ани и Дими, кои се мои многу добри пријатели и со кои делиме ист сензибилитет кон уметноста. Кога Ани ми ја предложи манекенката Елена Анѓеловска за соработка, веднаш ми се допадна. Нејзиниот магичен изглед, надополнет со нејзината професионалност, ведриот дух и тоталната опуштеност, совршено се вклопи во целата идеја за мојата замислена боемска принцеза-вели Тодоровска-Ефтимова.
>> Остануваш доследна на својот бохо-имиџ на дизајнирање и во новата колекција, какви материјали и форми се застапени овој пат и колку при креирањето се водеше од светските трендови?
-Имам неколку нови дизајни на рачно-плетени здолништа, шалови со ленти од индиско сари, меки и топли палта. Особено популарни ми се венчалните фустани од газа со рачно плетени додатоци. Во светот, сè повеќе невести ги избираат алтерантивните венчални фустани, кои се поблиски до нивниот секојдневен начин на облекување. Се надевам дека за некоја година белите „тортести“ фустани конечно ќе станат „изумрен вид“ и секоја невеста ќе си биде доследна на својот стил.
Никогаш не ги следам модните трендови, туку се водам според внатрешното чувство и знам дека ако на мене ми се допаѓа, тоа е она вистинското. Верувам дека секој си има своја публика и дека нештата сами си го наоѓаат патот до нивниот вистински сопственик.
>>Какви техники и материјали користиш за креирање на моделите?
-Од ткаенините, крајно инспиративна ми е памучната газа. Таа е природна и толку мека при допир со кожата. Толку е благородна и ти дозволува како сакаш да си играш со неа. Понекогаш ја ставам во центарот на вниманието, некогаш ја користам во заден план – како постава. Ако сакам да ја збогатам, додавам некоја памучна плетенина или рачно принтан индиски памук. При креирање на облеката, важно ми е парчињата да ја следат линијата на телото, дискретно да ја потенцираат женственоста, но притоа секогаш оставам доволно простор за дишење и танцување.
>>Од што најчесто црпиш инспирација?
-Мојот креативен процес е повеќе чувство. Се опкружувам со материјалите и тантелата и речиси никогаш однапред не знам што ќе направам, сè додека тоа не се случи. Често црпам инспирација од патувањата, било да е внатрешно патување на умот, срцето и духот или некое патување во некоја нова и непозната земја. Особено сум луда по старите индиски сари, кои носат магични и непознати приказни за нивните создатели. После толку години носење и безброј пати перење, свилата и памукот се претвораат во најмекото нешто што некогаш сте го допреле. Ги користам за изработка на свилени кимона, за палта или ги вметнувам во фустаните и здолништата. Ги обожувам нивните мали несовршенства – истегнати конци, мали дупчиња, дамки, избледеност. Тие ја раскажуваат нивната историја и патот кој што го поминале пред да дојдат кај мене. Но, најмногу ми се допаѓа тоа што ја откриваат нивната старост гордо, гламурозно и без трошка срам.
>> Своите креации ги претставуваш на светскиот пазар преку својата NaliniShop. Кога настана и што означува називот?
-Веќе две години дизајнирам облека за мојата интернет продавница NaliniShop (www.nalinishop.etsy.com) на Etsy.com, светски познатата платформа за продажба на рачно изработени предмети, облека, накит. Налини на Санскрит значи лотус, прекрасно и Хинду божицата Гајатри. Креирањето за мене значи духовна храна. Потрагата по стари материјали и чипки, за мене е авантура, потрага по скриено богатство и лекција по историја. Овој дел од процесот го обожавам! Најчесто не се фокусирам на временски периоди, туку повеќе на тоа како тој предмет прави да се чувствувам, каква приказна раскажува, неговата текстура, боја.
Посебно ме инспирираат старите парчиња материјали, кои ги вметнувам во креациите. Тоа најчесто се квалитетни материјали, стари по неколку десетлетија. Особено ми се допаѓа што повеќето од нив со текот на времето добиваат уште подобар квалитет – на пример, рачно ткаеното платно или плетниот чаршав од памучен конец, стануваат уште помеки. Особено инспиративно ми е купувањето материјали – никогаш не знам на што ќе налетам. Може да биде прекрасно индиско сари, рачно принтан индиски памук или некој преубав рачно везен узбекистански Сузани текстил.
>>Kаде сè може да се набават твоите парчиња и каков е фидбекот?
Засега моите парчиња облека можат да се најдат единствено online на Etsy. Искуството со кое се здобив овие две години, работејќи online продажба е непроценливо. Секој ден сретнувам различни луѓе од целиот свет, секој со своја приказна. Особено ми е драго што моите дизајни се носат на улиците во Париз, Јапонија, Америка, Данска, Германија. Добивам преубави пораки од луѓето, дел од нивната животна приказна и тоа ме полни со светла и убава енергија. Особено сум горда на 100 отсто успешниот фидбек на мојата продавница, каде купувачите оставаат прекрасни мислења за купениот продукт.
Продажбата на Интернет си има свои предности и недостатоци. Само на страната на Etsy има регистрирано повеќе од еден милион продавници од цел свет. Конкуренцијата е огромна, но јас верувам дека има место и публика за секој. Во online бизнисот најмногу ми се допаѓа што можам сама си го планирам времето и работам кога мене ми се работи. Одам на планина или на море со семејството, а облеката понекогаш сама се продава. Можеби звучи како лесна работа, но Интернет-продажбата воопшто не е тоа. За да имате моменти кога продавницата работи сама, потребни се долги часови пишување на описи, смислување фотосесии, барање модел, избирање фотографии, ставање добри дескриптивни наслови и клучни зборови.
>>Покрај тоа што твоите креации ги носат девојки од целиот свет, моделите се појавија во меѓународни списанија. Како дојде до овие објави?
-Моите креации неколку пати досега се појавија во познатото американско списание Belle Armoire, чиј уредник ме контактираше. Тоа е одличен начин на промоција и добивање нови клиенти. Годинава планирам поактивен маркетинг, што ми е една од послабите страни.
>>Ти си новинарка по професија. Како ти се разви интересот за создавање на модни парчиња?
-Немам формално модно образование, но убавиот вкус, уметноста и рачната работа се присутни со генерации наназад во моето семејство. Сите ние во нас ја носиме енергијата на нашите предци, па така и јас.
>> Колку новинарството се надополнува со твојата потреба за креирање?
- Во текот на денот „жонглирам“ меѓу неколку улоги: новинар, сопруга, мајка и дизајнер. Во меѓувреме сонувам за патувања во нови и непознати предели, дрвена куќичка покрај езеро, моја работилница и уживам во гушкањата со Наил и Наја, во чајот од лаванда и Пало Санто стапчињата.
2 Коментари
Прекрасни креации. Се гледа дека се убаво изработени и од меки и пријатни материјали.