Данијела Симоновска ја начекавме помеѓу бранењето на магистерскиот труд на модното школо ЕСМОД во Берлин и подготовките за заедничка ревија. Овие денови модната дизајнерка е фокусирана на самоодржива мода и употребата на органски ткаенини, впрочем темата на нејзината магистерска е „Несовршена индистрија – чекор кон одржлива и поодговорна мода“. По дипломирањето на Факултет за текстилна технологија во Загреб во 1999 година, Данијела претстави неколку колекции во Скопје, имаше ангажман на дизајнер во некогашната луксузна модна куќа „Систина“, застана на чело на Македонска модна формација, а беше и уметнички директор на првите изданија на Моден викенд-Скопје. Денес Берлин е центарот на нејзиниот креативен свет. Таму се дошколува на берлинската филијала на престижната париска школа ЕСМОД, создава нова мода и ја црпи авангардната енергија на градската култура која се совпаѓа со нејзиниот авторски израз. Денес таа е трансформирана од „кралица без кралство“, како што беше името на една нејзина позната колекција, во еко-воин. Ја исконтактиравме дизајнерката во Берлин, си направивме опширен разговор, а таа ни ги откри новините и ни ги претстави фотографиите од новата пилот колекција.
>>Неколку години беше отсутна со колекции на домашната сцена, но тоа не значеше дека се откажа од модата. Ќе ни раскажеш ли што се случуваше во тој период?
-Досега немам одржувано континуитет во продуцирање на колекции, бидејќи мојот интерес отсекогаш бил насочен кон партнерски проекти, воспоставување на нови текови на нашата модна сцена, како и на соработка со различни субјекти кои имаат допирни точки со модниот дизајн и модната индустрија.
>>Деновиве магистрира на ЕСМОД во Берлин…
-Една година траеа моите магистерски студии по одржлива мода на ЕСМОД. Станува збор за прилично интензивна програма која и’ пристапува на модата како еколошки, етички, социолошки и економски одржлива. За студиите добив стипендија од ЕСМОД, кој доделува две стипендии за мастер програмата, кои пак се поддржани од германскиот еко-базиран моден бренд „Хеснатур“, а подоцна и стипендија од Министерството за култура на РМ без чија поддршка верувам дека моето дошколување ќе беше невозможно, со оглед на македонскиот стандард и висината на школарината за оваа престижна програма која е прва од ваков вид во Европа, а една од петте најдобри во светот.
>>Создаде нова колекција илустрирана со фотосесија и видео под името Imperfection by Danijela Simonovska, за што поточно се работи?
-Магистерската работа „Несовршена индустрија – чекор кон одржлива и поодговорна мода“е фокусирана на одржливи дизајн стратегии и воедно прикажува како консултантската компанија Imperfection со минимални пристапи ги преусмерува конвенционалните практики на изработка на колекција кон одржливи. Целта на Imperfection е да креира нештетни индиструски решенија и продукти со вклучување во процесот играчи и партнери од различни сектори. Покрај бизнис стратегијата, бренд идентитетот и сегметите во кои компанијата ја гледа својата идинина, со поддршка на мојот партнер „Хеснатур“ изработив пилот колекција.Колекцијата служи како прв пример какви услуги компанијата, која е позиционирана во четвртиот сектор, може да понуди на своите идни клиенти и партнери.
Imperfection by Danijela Simonovska from Dann Dannah on Vimeo.
За изработка на промотивниот материјал соработував со креативци базирани во Берлин и Скопје. За потребите на фотосесијата визуализации изработи дуото Lazy Kidz Visualz од Скопје кои исто така го издработија и останатиот видео материјал. Моделот Сандра Стојанова е Македонка која студира на ЕСМОД во Берлин, шминкер е Рахел Крапик, музиката е авторско парче на Александар Гроздановски познат на македонската, а и на берлинската електронска сцена како Herzel, логото го изработи Ива Галевска која е базирана во Берлин, а фотографиите се на берлинскиот фотограф Herr van Toll.
>>Зошто во светот на модата во кој се трага по совршенствосвојата колекција ја крсти Несовршеност?
-Тежнеејќи кон совршенство конвенционалната модна индустрија денес несомнено ја загрозува животната средина, го загрозува здравјето на оние кои ја изработуваат и на оние кои ја поддржуваат купувајќи штетни по здравјето производи на fast-fashion индустријата. Голем е бројот на хемикалии кои се појавуваат во сите делови на текстилниот синџир и лесно може да се заклучи дека денешната модна индустрија не е нималку совршена. Облеката која оваа индустрија ја произведува содржи повеќе отрови и хемикалии отколку што можеме да бидеме свесни, а за тоа сведочат низа извештаи кои откриваат поврзаност помеѓу текстилните произвоствени капацитети на врвните светски модни брендови и загадувањето на водата, како и траги на опасни материи во облеката на брендови како „Зара“, „Адидас“, „Барбери“, „Дизел“, „Викторија Сикрет“ и други, кои предизвикаат стерилитет, го зголемуваат ризикот од рак и го загрозуваат човековото здравје.
На денешната текстилната индустрија и отпаѓаат 20 проценти од светското индустриско загадување на водата, а процесите на боење и доработка се едни од најагресивните во индустријата. Тежнеејќи по совршени, компактни и резистентни бои, како и кон нови практики кои го менуваат изгледот и отпорноста на ткаенините, овие процеси партиципираат во загадувањето на водата со околу 70 токсични материи кои го загрозуваат екосистемот и животот на планетата.
Во мојата колекција го избегнувам традиционалното боење и применувам ладно боење со природни бои од зеленчук, тревки и зачини. Оттука Imperfection ја негува отфрлената несовршеност од страна на текстилната индустрија и има тенденција да се покаже дека дури и наједноставните и благи техники на боење може да резултираат со атрактивни бои и нијанси над природните материјали и плетенини.
При создавањето на колекцијата фокусот беше ставен и на пристапите кои би го поедноставиле процесот на производство. Ткаенините и плетенините од волна, свила, алпака и памук користени во колекцијата се органски и внимателно избрани и нарачани во боите и нијансите на природните суровини. Во процесот на произвоство нема потреба од предходно селектирање по бои, избор на конци и слично што воедно го намалува и времето за прозводство, а го избегнува и нарачувањето на ткаенини во предходно дефинирани бои. Остатоците од ткаенините можат да се користат и во иднина, да се бојат по потреба или пак да се бојат како готов прозвод како што беше случај со мојата колекција. Воедно не се користени и додатни материјали за укрутување на предниците, јаките и останатите делови на облековните елементи од причина што и тие се најчесто токсични.
>>Колку еволуираше твојот дизајнерски израз и остана ли доследна на својот стил во последната колекција?
-Во оваа пилот колекција моделите се едноставни и минималистички, а изгледот има тенденција да биде класичен, и тежнее кон изгледи кој лесно транзитираат од облека за работен ден кон облека за ноќни излегувања. Работејки со „Хеснатур“ кој негува casual look и е фокусиран претежно на базични парчиња облека, колекцијата има за цел да му се припои на брендот.
>>Како оди пробивот на германската сцена? Во најава е еден консултански ангажман од германска компанија, па до каде се договорите?
-Веќе неколку години наназад постојат активности поврзани со фер-облека кои го третираат текстилниот ланец како и правата на текстилните работници. Благодарение на еден таков проект беше потипишан и договор со кој е постигната минимална плата од 8.050 денари во текстилната индустрија во Македонија. Ако земеме во предвид дека на текстилна индустрија и отпаѓаат околу околу 30 проценти од работната сила во Македонија, а според анализата на организацијата „Кампања за чиста облека“ животните трошоци за четиричлено семејство од година во година се зголемуваат, па за 2013 година се шест пати повисоки од минималецот, несомнено е дека се потребни промени во секторот кој би овозможиле пристоен живот на овие работници. Воедно, познато ни е дека македонските текстилни компании претежно даваат услуги на странски модни брендови, а условите во Македонија странските експерти ги едначат со тие во Бангладеш. Под притисокот на „Детокс“ кампањата на „Гринпис“ одредени брендови веќе се обзрваа дека ќе ги елиминираат токсичните и штетни материи од нивниот снабдувачки ланец до 2020 година, што воедно ги позиционира нашите текстилни капацитети како несоодветни, а постепено се врши притисок и за исплаќање на плати во согласност со животните трошоци како што беше случај со H&M што цели кон подобрување на позицијата на текстилните работници. Мојот консултантски ангажман се однесува на активности кои ја третираат македонската текстилна индустрија од овие аспекти и се спроведуваат во Македонија, но мојата база останува Берлин.
>>Уште поинтересно е што влезе во селекција за следното издание на Берлинска модна недела…
-Тоа ќе биде мое второ претставување на Берлинска модна недела. Во февруари имав преставување на модели за кои што освоив награда во рамки на студиската програма, а за следното издание селектирана сум од страна на интернационално жири во состав од претставници на познати светски брендови, новинари и модни експерти од областа на одржливата мода, кои ја посетија изложбата на магистерските колекции и селектираа неколку колекции. Традиционално магистерските колекции ќе бидат дел и од GREEN SHOW ROOM во рамки на модната недела.
>>Каде во моментов може да се најдат твоите креации?
-Мојот партнер „Хеснатур“ наскоро ќе лансира нова платформа NEW CREATIVES и ме покани да ја продавам колецијата Imperfection на таа платформа. Тие се заинтересирани да ги изработат моите модели конфекциски, бидејќи прототипите ги изработував сама и воедно да ми помогнат во координацијата со добавувачите.
>>Некое време си во Берлин, град кој има силна креативна и авангардна енергија. Како го доживеа и кои се најубавите нешта што ти ги пружи градот?
-Берлин е екстермно авангарден град и на секој чекор можете да ја воочите креативноста на Берлинците. Она по што мене ми е интерсен е свеста кон екологијата, здравата исхрана, односот кон еко-продуктите како и кон еко-модата. Едноставно не постои дисбаланс помеѓу нив. Веќе е воспоставена здрава, еко-освестена и одговорна модна сцена и постои пазар за истата што сметам дека ми нуди одлична платформа за делување.
>>Ја следиш ли македонската модна сцена?
-Мојот фокус е на македонската текстилна индустрија, а македонската модна сцена сметам дека е премногу кокетна, а од друга страна безмалку безначајна во целата таа слика. Ја ценам работата на одредени дизајнери и ги пратам, и се надевам дека ќе успеат да ги пласираат своите колекции и надвор од државата, бидејќи јасно ни е колкав е македонскиот пазар, колкава е куповната моќ, а и што тој пазар преферира.
Дизајнерката го поддржува кампањата Detox Fashion Manifesto на „Гринпис“
Нема коментари