Во периодот меѓу освојување на наградата за инвентивен спој на графичкиот со модниот дизајн на Интернационалните бугарски модни награди EIRENE 2014 и отворањето на своето ново ателје, македонскиот дизајнер Бобан Илиевски на социјалните медиуми ја промовира својата колекција за есен-зима 2014/15. Новата линија на креаторот, кој работи под брендот Chic Undercowear, e наречена ESSENZA (суштина).
-Новата колекција ја нареков ESSENZA токму поради самиот концепт што веќе некое време го чував за еден проект. Досега колекциите беа китени со многу епитети и луѓето веќе се навикнаа што можат да очекуваат од мене како продукт. Со оглед на тоа што сум автор кој се труди да се реинвентира со секоја колекција, сметам дека редно време беше да направам нешто поразлично, а сепак доследно на мојот сензибилитет. Одлучив овојпат да побегнам од цела таа mix& match игра на принтови и неспоиви колор блок комбинации. Својствено на тоа настана ESSENZA. Сакам да се видам самиот себе во друго светло, а и публиката сакам да види нешто што сигурно нема да очекува-вели Бобан.
Во колекцијата се застапени креации со прочистени форми, мала игра со деконструкција, мал колорит во палета и претежно застапена црна боја, што е реткост за Илиевски.
-Сето ова го гледав како предизвик, на крајот на краиштата отсекогаш ми причинувало задоволство креирање на колекции каде што треба да вмешам повеќе фактори за успех, како што е одличниот баланс на квалитет, цена, практичност, конфор… И на крај дизајнерскиот печат што ѝ е најбитен на публиката. Волната е најзастапена со оглед на тоа што е претежно зимска колекција. Станува збор за носливи кежуел парчинја, адаптабилни за варитет на сензибилитет од жени и девојќи, носливи во зависност од желбата и умесността на комбинирање, преку ден или пак навечер. Пред сè за практични жени што сакаат да изгледаат впечатливо. Пратењето на трендовите сепак ќе го оставам на шпанските гиганти на мас продукција- објаснува тој.
За промоција на линијата изработи и фотосесија со стаблираниот Жарко Чулиќ.
-Веќе докажан тим стои позади секоја сесија на моите колекции. Жарко Чулиќ како фотограф и Дарко Мишовски, задолжен за шминката на снимањето. Тие фантастично ја примија идејата за нешто ненаметливо, минимал едноставно, а убаво. Кога неколку креативци ќе ги соберат силите и ќе се најдат на иста фреквенција, неизбезно е да излезе продукт каков што е овој lookbook за ESSENZA.
Бобан планира, покрај пласманот на домашниот пазар, колекцијата да ја понуди и во продажни салони и во Шавјцарија, Берлин и Софија, како и онлајн на Bastet Noir. Сепак линијата нема да ја погледнеме на актуелниот Моден викенд-Скопје
-Спремање на една ревија секако бара многу време, напор и финансии кои сметав дека оваа сезона ќе ги насочам на други места, во продуктивниот процес. Имав фантастични искуства на изминатите изданија на Моден викенд и не значи дека следната сезона нема пак да се појавам. На крајот на краиштата, социјалните медиум што денес се најдобрата маркетиншка стратегија го доведоа рекламирањето на едно друго ниво. Направив мини зимска колекција од неколку основни парчиња и сметам дека lookbook-от најдобро ќе ја претстави за понатамошниот комерцијален успех на истата, било тоа кај нас или пак во останатите продажни места низ Европа. Веќе две серии од колекцијата се нарачани и ќе бидат понудени во Швајцарија, предновогодишно, благодарение на Г-ца Тања Стоименовска, која како сериозен купувач реши да промовира македонски дизајнери на тамошниот пазар. Истото ќе се случи и со досегашните мои пратнери и шоурумови во Берлин и Софија. За македонскиот пазар секако останува веќе добро познатата онлајн продавница Bastet Noir- вели Илиевски.
Наредниот период ќе биде посветен на отворањето на своето ново модно студио Скопје .
-Во изминативе неполни пет години моите креациите беа достапни низ сите концептуални продавници кај нас. Со оглед на тоа што Chic Undercowear е веќе препознатлив бренд решив да си овозможам отсега па натаму еден шоурум каде што секој клиент досегашен и иден ќе биде повикан на приватна промоција и ќе може да си го проба и купи омиленото парче.Тоа ќе се случи при крајот на ноември, кога просторот и ќе биде готов. Ателјето е направено и уредено со самата сжрз на мојата филозофија на работење и живеење. Ќе даде понатамошен простор за развивање , на брендот и негово претставување на поинакви начини, како шопинг забави, денови на попуст, кога само еден ден би биле на понуда производи на 70 осто попуст, мини ресорт колекции доколку тоа го бара клиентелата … Планирам и продукција на предмети за уредување со мој печат. Можностите се безгранични-вели тој на крајот.
Нема коментари