Една од најубавите страни на новинарството е шансата да запознаете нови луѓе. Дел од тие познанства се претвораат во долготрајни соработки, некои од нив во нови пријателства…Професионалните обврски, интeрвјуата, известувањата од настани и патувања носат нови искуства, ги вкрстуваат минатото и иднината, будат подзаборавени контакти и наоѓаат пат до нови. Несекојдневно е кога професијата ќе те донесе до некој со кој делите речиси исто име и исто презиме, некој што иако првпат го запознавате, имате чувство дека го знаеете долго време… Кога чув за дизајнерката на накит Анита Несторовска првиот инстикт ми беше – да проверам дали истото презиме значи и дека имаме роднинска поврзаност. Потрагата покажа дека иако корените ни се од ист крај, сепак, не сме роднини. Но трагајќи по минатото, открив многу нешта за сегашноста и за перспективите на оваа талентирана креативка, која нешто помалку од две години се заминава со изработка на уникатни масивни ѓердани-секој посебен мозаик и приказна.
Трпеливото работење во спокојот и анонимноста на нејзиниот дом резултира со успешен пробив во нашата јавност, најпрво благодарение на објавата на блогерката Александра Спасеска- Везилка, а потоа и со учеството на пролетниот Моден викенд- Скопје. Показател за нејзиниот квалитет беше соработката со етаблираниот дизајнер Ненад Секирарски на неговара последна колекција „Одмазда на женски начин“. Ѓердани од Анита, која работи под називот Ani Jewelry Designs, го надополнија стајлингот на моделите од линијата на Секирарски на модната недела Fashion Selection во Белград. Анита вели дека овој ангажман настанал сосема спонтано.
- Секирарски ги видел фотографиите со моите изработки од проектот со Александра Спасеска „Две Везилки” и му оставиле добар впечаток. Пред настанот во Белград бев поканета од „Теа Модерна“ и Моден викенд-Скопје да учествувам во showroom. Ова впрочем беа моите први изложувања. Ненад ги виде лично дизајните и ме покани да направиме фитинг, ден пред да одиме за Белград . Тоа беше еден толку спонтан, едноставен и забавен процес … Секоја негова креација го повикуваше својот соодветен дизајн – боите, формите и сензибилитетот си се привлекоа. Како да сме работеле заедно… За време на ревијата во Белград бев зад сцената и се радував на целото ново искуство и не внимавав толку на реакциите, но потоа забележав дека во медиумите прилично се зборуваше за колекцијата на Секирарски и нашата заедничка соработка, што е навистина добро. Има доста позитивните реакции за соработката и за тоа колку си одговараат крециите на Секирарски со моите ѓердани и дека навистина умешно се одбрани и вклопени. Од позитивните реакции кои го добив во Белград најмногу се сеќавам на позитивните експресиите на лицата на секој кој ќе допреше некок мој ѓердан и нивната љубопитност за целата техника, времето на израбока и мотивите-вели Анита.
Изминатиот април, за време на Модниот викенд се претстави со изложба во фоајето на „Ауди-Порше Македонија“, каде што љубопитните очи ги истражуваа нејзините ѓердани и дизајните на Магдалена Димковска и Емилија Норис. Идејата на тимот на FWSK беше да се поддржат и вклучат дизајнерите на накит на ваквите модни настани.
-Колекцијата што ја изложив ја нареков The Beginning, а техниката која ја практикувам е Bead Embroidery Art. Главно сè е изработено со стаклени монисти, полудраги камења, соодветна основа – синтетички филц, постава, тантела, синџири… А кога станува збор за бои… ох… сиот спектар! Забележувам од време на време дека ми доминираат тиркизни, розови и бронзени тонови. Но воопшто не се ограничувам со нијанси. Ја сакам цела палета на бои-вели таа.
Анита е дипломиран професор по филозофија, а изминатава година од своето хоби-изработка на накит, направи бренд.
-Сè започна со изработката на мојата дипломска – темата ми беше врзана за Убавото и естетските вредности и целиот тој временски период ми беше темелно посветен на убавина, различни видови уметности, различни култури и нивните концепти за убавина. И од толку раскопување по Интернет налетав на Bead Embroidery Art, што ми делуваше како нешто маѓично, нереално и сложено во исто време. Се одушевував на еден куп bead embroidery дизајнери и посветив доста време истражувајќи туторијали и книги за техниката за да успеам да си направам соодветен ѓердан за себе. Речиси секогаш носам накит и сум голем обожавател на симболизмот, па во она што го изработувам се обидувам да го вметнам. Првите неколку обиди да создадам такви дизајни ми беа доста „стресни” – сакав веднаш да ја достигнам префинетоста. И сè уште не се откажувам од обидите… Сите дизајни кои ги создавам се нешто кое го правам за себе, а тоа што и други личности се пронаоѓаат во нив многу ме радува-вели Анита, која веќе добро е позната по моделите со многу монисти и ориенталните форми.
Открива дека отсекогаш била посветена со многу љубов кон различни видови уметности, пирографија, резбарство, сликарство, мода, архитектура и со истражувања на вакви убавини го храни духот – а задоволството од сето тоа се обидува да го извади од себе на креативен начин.
-Првото „правило” при моето создавање е спонтаност. Се препуштам на мојата поприлично слободна волја и желба. Првиот дел е хранење на креативноста и волјата (особено кога изработувам нешто поголемо) зашто целиот процес треба да се истрае и да се гаи убавата мисла, која ќе се материјализира. Обично тефтерчето кое ми стои под перница си правам скици и со радост си го чекам утрото. Со облиците експериментирам во секој нов дизајн – но, нормално имам одредени форми кои ми се премногу инспиративни и предизвикувачки и ги користам почесто и на сосема различен начин. Обично замислувам аутфити и накитот е финишот, она што дава една целесообразност…правам скица, разгледувам какви монисти и полудраги камења имам во моментот и ги позиционирам, ја бирам палетата бои од монисти, правам шаблон за сето тоа да биде прецизно и почнувам со шиењето кое може да трае и до месец дена-вели креатицката , која со секој нов ѓердан открива нов магичен свет.
Инспирација црпи од многу нешта, од различните видови уместности, од други форми и дизајни на накит, од модни дизајнери, од африкански, марокански, египетски, индиски и индијански мотиви, од тибетански мандали, до фенси принтови на тапети, од луѓе со интересни аутфити, од природата итн. Дизајните ги посветува на она кое е непотрошливо, за разлика од нас, ВРЕМЕТО.
Најчести клиенти ѝ се жени и девојки, но има и момчиња кој купуваат за своите љубени. Возрасната граница е поприлично широка – од 16 до 65 години. Муштериите ја контактираат на Facеbook страната Ani Jewelry Designs и се договараат за достава. Дел од нејзините дизајни можат да се најдат на пултовите на Atelier Arabeska во „Скопје сити Мол“ и во „Рамстор“.
Плановите за до крајот на годинава ѝ се поврзани со нејзината најголема пасија, изработката на накит.
-Во 2013 имав желби да посетувам курсеви за засновување на креативни бизниси и ми се оствари – како и многу од другите желби кои ги имав. Сега сакам да продолжи тој континуитет на остварување… Една од желбите е да го пренесам се она што го научив во текот на една и пол година на некој кој би бил подеднакво посветен и среќен доколку се пронајде. И кончено ова да прерасне во вистинска работа.
Анита е родена и живеа во Скопје. Целосно е посветена на ѓерданите – се едуцира за многу работи кои ѝ се неопходни – како нови техники и начини на шиење, употреба на други материјали, за составот на полудрагите камења, нивната симболика и нивните „енергетски“ влијанија, истражувам за минералите во Македонија… прави набавки, истражува теми како бизнис, маркетинг, промовирање, продажби, сметки, онлајн продавници и друго.
- Ја вложувам целосната енергија во ова, зашто мојот сон отсекогаш бил да имам креативна работа каде што ќе се дадам целосно себе си и моето време ќе го користам со ќеф. И ова е моето секојдневие. .. Изработувам слики, скулптури, облека понекогаш во зависнот од расположение. Си задавам обврски за потполно исполнето време – се додека можам да си го дозволам ова. И постојано го хранам духот со убавина – уметност, мода, култура, симболизам, музика, филм-вели таа на крајот.
Нема коментари