Керамиката и нејзиното создавање е жив процес во постојано движење и учење, што трае засекогаш. Токму тоа ја освоило и инспирирало младата архитектка и креативка Анета Попова да го основа својот бренд за рачно изработени керамички садови- LIPA ceramics. Приказната почнува во еден од најубавите катчиња во околината на Скопје, во шумите на кањон Матка, под крошната на една стара липа.
- Не знам дали можам временски точно да го одредам почетокот на LIPA ceramics. Можеби, корените треба да се бараат во некој период од пред три години, кога почнав да се интересирам за керамиката како занает- интерес кој со секое соочување со неа, растеше и се интензивираше. А можеби треба да се бараат и уште подалеку и поблиску до моето детство, период кога љубопитноста те тера да го испробуваш сопствениот креативен потенцијал, па црташ, пишуваш, им ја менуваш употребата на различни предмети, а подоцна и рециклираш мебел. Постојана разновидност. Сепак, во оваа форма во која што се претставува денес, како бренд – LIPA ceramics, зачетокот на идејата го гледам година и пол наназад. Тоа е период во кој почнав посериозно да работам со материјалот, буквално од самиот зачеток на запознавање и развивање вистински однос со глината, зашто керамиката и нејзиното создавање е жив процес во постојано движење. Се работи за процес на учење кој трае засекогаш. Токму тоа е она што ме освои-вели таа.
Називот на брендот има повеќекратна симболика. Приказната е поврзана со местото каде што LIPA ceramics се создава, тоа е домот на Анета на Матка.
-Во центарот на тој дом се извишува стара стогодишна липа, која доминира во дворот и истовремено го дефинира. Од друга страна, Скопје е град на липата. Скопје е липа. А може да се додаде и трето значење, кое се однесува на липата како симбол на свето дрво во словенската митологија. Конкретно, името го избравме заедно со сестра ми, Ирма Велковска, која потоа го изработи и логото.
*Зошто баш на таа локација го смести студиото, како функционира на неколку километри надвор од градскиот метеж?
-Матка е мојот втор дом. Меѓутоа, во последно време, токму поради градскиот метеж и личната презаситеност од градот, Матка ја сметам за дом на прво место. Таму е мојот работен простор, полн инспирација и можност за создавање во близок контакт со природата. Секое парче керамика има дел од шумата во него. Таа дише во нив и преку нив. Бидејќи станува збор за целосно рачно изработени садови, формата што ги обвиткува овие мали приказни, има контури на слободата што струи околу кањонот.
*Станува збор за рачно изработени керамички производи. Што сè се создава во студиото на LIPA ceramics?
- Во моментов сум фокусирана на применета керамика за секојдневна употреба. Или предмети кои ќе им дадат значење на секојдневните прозаични моменти. Било кој оброк во денот треба да ги провоцира и другите наши сетила. Интересен е футуристичкиот кувар на Маринети, во кој се исмева италијанската опседнатост со паста, но притоа се вметнати и идеи кон што треба да се стреми еден оброк, особено подготвен за поширок круг на пријатели или за фамилијарни собири. Храната сама по себе не е доволна да ги задоволи нашите апетити, потребен е поширок контекст во кој ќе се допре до сите наши сетила. Така човекот се инспирира и расте. Во секој случај, не сакам да се ограничувам само на ваков тип предмети. Ќе следуваат и поинакви нешта како плод на постојаното експериментирање.
*Како ти се разви интересот за создавање на производи од керамика? Имаш ли посетувано некоја посебна обука или школа?
-Приказната, како што кажав и погоре, почна да се развива пред три години, тогаш е нејзиниот зачеток манифестиран во мојот интерес за глината. Последната година и пол, почна да се оформува во она што го имав како идеја на почетокот – да создадам бренд за рачно изработена керамика за секојдневна употреба, но со текот на времето и искуството сфатив дека нема да се задржам само на тој аспект, затоа што глината како материјал нуди многу можности за нејзино обликување и печење до краен производ. Што ќе следува во иднина, ќе видиме, да оставиме заедно да се изненадиме.
За да се доближам подобро до процесот на создавање керамика, процес кој е доста комплексен, посетив курс во Грција, во кој беше опфатен и начинот на работа со глина како и различните начини на нејзино печење до краен продукт. Курсот ми даде можност да си разјаснам доста работи и да научам уште повеќе, хоризонтот нeпроценливо се прошири. Врз основа на она што го стекнав како знаење таму, се поставија темелите на Lipa.
*Од каде и од кој учиш и најмногу се инспирираш за керамичките производи?
-Она што е најинтересно во врска со керамиката е токму тоа дека постојано учиш и дознаваш нови работи, се изненадуваш. Возбудливо е и предизвикувачки. Инспирацијата, од една страна секако доаѓа од читање списанија, интернет, комуникација, контакт и допир со светските достигнувања во оваа област. Од друга страна, како и во секој креативен занает и професија, инспирацијата доаѓа од безброј други нешта што го обликуваат вашиот живот – малите секојдневни моменти, музика, поезија. Поезијата е можеби најважна, таа е есенција во секоја хармонија, и како што би рекол каталонскиот скулптор Ксавиер Корберо – „Што и да создавам, мора да е поезија, според неа се мери сѐ“. Се пронаоѓам во оваа оваа негова поетична изјава и токму тоа се стремам да го достигнам со секое парче од глина, поезија што ќе ја допреш и на различни начини, конзумираш. И од трета страна, тука се луѓето, луѓето кои во себе имаат и по неколку светови, љубов и енергија која ви дава крилја.
* Ти си допломиран архитект. Многу често имам можност да пишувам за архитекти со интересно хоби или пак кои нашле нова креативна професија…Дали работиш на проекти поврзани со архитектурата и кои се најзначајните твои досегашни професионални ангажмани, образование и искуство со дизајнот, со што се занимаваш покрај LIPA ceramics?
-Од архитектурата се оддалечив, не затоа што не ја сакам, архитектурата е прекрасна професија која може да даде недопирливи резултати. Но, делумно поради тоа што во нашето општество и околина не можев да се пронајдам, делумно што карактерно не ми одговара нејзината потреба од премногу луѓе, институции и правила вклучени во процесот на создавање, не навлегов премногу во тој свет. Нормално, како и во секоја професија, и во керамиката постои ред и хиерархија, но работниот процес е поинтимен и секогаш зависи од тебе и од природата. Сепак не сум апсолутист, не сакам да се ограничувам во интервали како „никогаш-секогаш“, сакам да пробувам и да се испробувам во различни насоки, што значи секогаш ќе постои можност да ѝ се навратам и на архитектурата. Токму периодов работам на еден простор со интересна намена.
* Дали сама го разработуваш брендот? Кој, покрај тебе, е дел од LIPA ceramics?
-Изработката на предметите е моја, но целосниот брендинг на она како се претставува Lipa ceramics, е во корелација со Ирма.
* Со познатата фотографка од тандемот Ани и Дими изработивте промотивна фотосесија. Како помина оваа соработка и колку фотографиите ја доловуваат естетиката на LIPA ceramics?
-Одлично помина фотосесијата. Се работи за спонтана сесија после вкусна паста, едно топло саботно попладне, која даде одлични промотивни фотографии. Мислам дека заедно создадовме приказни од секое парче, на начин што ќе ја разбуди имагинацијата кај секого при користењето на сетовите за храна и останатите декоративни предмети за домот.
* Каде и како можат да се набават производите на LIPA ceramics?
-Моментално може да се нарачаат преку контактот оставен на страната на Фејсбук или директно со нарачка таму. Постои можност и да се погледнат производите по договор. Наскоро ќе има и други опции. Производите ќе може да се видат и набават и на новото издание на „Љубовен базар“, што в четврток ќе се одржи во кафе бар „Љубов“.
* Твојот профил на Инстаграм може да се каже дека е еден од најкреативните со македонска адреса, минималистички со уметнички фотографии богати со симболика… Колку оваа твоја лична естетика се пренесува во стилот на LIPA ceramics? Како би го опишала концептот на својот бренд?
-Ме радува таквото доживување на мојот Инстаграм профил, ти благодарам за пофалните зборови. Инстаграм е медиум што навистина ме инспирира и ми нуди можност да ги развивам сопствените идеи и креативни концепти, без разлика дали се работи за нешто моментално или нешто на што во моментот сум посветена и работам. Затоа, се надевам дека таа естетика презентирана таму се пренесува и во мојата керамика. Концептот на самиот бренд сѐ уште се развива, но и понатаму ќе се надоградува и менува. Но, во основа ќе си задржи одредена нишка која ќе го насочува патот на движење и развивање. Комбинација од минимализам и натуралност, можеби во моментов тоа е најблискиот опис.
* Иако сè уште е само почеток, какви ти се плановите и надежите за брендот? Кој е следен чекор во неговиот развој?
-Би рекла дека се повеќе од еден чекор. Првенствено, плановите се во насока на постојано развивање и формирање на предметите, на самата технологија на изработка, како и проширување на палетата на производи. Секогаш ќе постои и факторот на изненадување кој ќе донесе и нови насоки на движење на идеите. Се надевам дека брендот ќе расте.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари