Боите и звуците на Африка и старите техники на нижење монистра, како и мотивот за создавање парчиња накит кои ќе бидат потсетник на подзаборавените култури и нивните автентични декоративни креации, се почетните точки за проектот Drumbeads на Андријана Чичевалиева, која што ја потпишува колекција на накит од шаерни монистри илустрирана преку фотографиите на AneMone претставени пред неколку дена. Чичевалиева, која што вели дека уникатниот накит и облека отсекогаш ја фасцинирале како форма на изразување, рачно изработен накит создава уште од детството, но поинтензивно се занимава со оваа дејност од пред неколку години кога почнала да ги истражува обичаите на индогените народи и племиња од Африка и американските континенти.
Проект: Drumbeads/Дизајн: Андријана Чичевалиева/ Фотографија: Ane Mone
-Од таму и идејата дека накитот не е само декоративен елемент кој ја надополнува облеката, туку е еден вид кодиран јазик преку кој се испраќа одредена порака зависно од општествениот и културниот контекст. Истражувајќи понатаму забележав дека и во македонската традиција многу често се користи монистра за изработување накит и најразлични декорации на предмети, дури и некои дезени се мошне слични со оние од индогените племиња – смета Андријана.
Андријана ни откри дека нема посетувано формални курсеви за дизајн и сите познавања во однос на изработката и техниките ги стекнала преку туторијали на интернет. Досега не изложувала на јавни настани или по медиуми, освен на Facebook страницата https://www.facebook.com/Drumbeads?ref=hl, каде може да се погледнат парчињата и да се направат нарачки, а преку проектот Drumbeads ова е всушност нејзиното прво запознавање на пошироката јавност со нејзината работа.
-Инспирацијата за проектот Drumbeads (игра на зборови од drumbeats=звук на тапан и beads=монистра) дојде откако дојдов во контакт со една прекрасна книга со фотографии на племиња ширум светот која го носи насловот Gaia II: The song of the vanishing tribe од фотографката Paige DePonte. Со агресивната нео-колонизаторска политика на развиените земји постои силна тенденција многу од овие подзаборавени култури да исчезнат. Токму тој факт беше мотивација плус за накитот кој го изработувам да биде еден вид потсетник за автентичноста и воопшто постоењето на овие култури кои современиот човек ги смета за „примитивни“ и се стреми да ги асимилира. Првата колекција која ја создадов во 2012 е Earthwalker затоа што сите ние, примитивни и современи, чекориме по оваа планета и никој не смее да ни го оспори или оневозможи тоа право на слободно движење. Earthwalker се состои од алки, ланчиња и обетки изработени од стаклени монистри во комбинација со природна кожа, пердуви и школки. Втората колекција е Peyote (според техниката на изработка) и се состои од ланчиња и алки, со тоа што тука користам и покрупни дрвени монистри – вели Андријана.
За подобро претставување на парчињата накит Андријана направи фотосесија со Ane Mone, фотографии што ги објавуваме во овој напис. Првата асоцијација на накитот и фотографијата е Африка, но има тука и инспирација од американските домородни племиња.
-Со мултимедијалната уметничката Ана Лазаревска, конкретно преку нејзиниот фотографски проект AneMone (https://www.facebook.com/pages/Anemone-Photography-and-retouching/238626059640251?fref=ts), соработуваме уште од почетокот на приказната. Нашите креативни енергии се поврзаа и како резултат на тоа произлегоа фотосесијата за Earthwalker (кај скулптурата Тотем во Градски Парк) и фотосесијата за Peyote (во нејзиното студио). Се трудевме да одбереме или создадеме околина за фотографирање која асоцира на природната средина на живеење на човекот. Со втората сесија отидовме чекор понатаму со тоа што студиото го претворивме во мини-џунгла, па може да се забележат растенија-ползавци во позадината и нашата главна ѕвезда, папагалот Коко кој обожува да се фотографира. За шминката се погрижив јас, а за стајлингот Ана. Моделите на фотографиите се Билјана Костадиновска, Јана Лазаревска и Анастасија Ставреска, наши пријателки и роднини кои имаат значајна улога во претставувањето на накитот – вели дизајнерката.
Главен медиум со кој Андријана создава накитот се монистрите (од стакло или дрво) чии големини и форми варираат, а се обидува да ги комбинира во контрастни и живи бои. Најчесто се со кружна форма, па на нив гледа како на пиксели: колку се поситни толку појака „резолуција“ има парчето накит и обратно.
- Користам неколку традиционални техники. Можеби е интересен податокот дека е пронајден накит во Јужна Африка кој датира од пред 3.000 години. Би ги издвоила техниката на везење (embroidery) која иако дава поголема слобода за изразување, одзема доста време и техниките на ткаење Peyote stitch (со нејзините бројни варијации) и Heringbone Stitch (рибина коска). Во комбинација со монистрите користам парчиња од природна кожа, потоа пердуви и школки – ни ја објаснува фасцинацијата со монистрата.
Чичевалиева ни откри нешто повеќе и за своите други креативни интереси. На пример, подолг период од животот се занимавала со изучување и натпреварување во латино-американски и стандардни танци во клубот „Ритам+“, каде што и всушност се запознала со фотографката Ана. Иако последните пет години поголем дел од времето го посветувам на професијата како наставник по француски јазик во скопската гимназија „Р.Ј.Корчагин“, се занимава и со превод на стручна и уметничка литература, а во слободно време освен што изработува накит, таа и црта и пишува.
Нема коментари