Млада, но амбициозна и работлива, Ана Камчева која е на чекор до дипломата на моден дизајнер на Европски универзитет, веќе бележи искуство од претставување на сопствените дизајни на модната писта на FWSK, и тоа два пати како дел од групната ревија на студентите, потоа самостојно преставување со мини колекција, но и најзначајниот момент во овој зачеток на нејзината кариера – учеството на ПОП! Мода во Американската амбасада минатата година со победата на овој настан заедно со Алмир Мили и Виктор Цветановски. Таа оваа година треба да дипломира на Европскиот универзитет, па интензивно работи на дипломскиот труд кој што е всушност мини колекцијата со која што треба да се претстави на завршниот испит. Таа колекција заедно со оваа од модниот перформанс кој го подготвува за претстојниот Моден викенд-Скопје се двата проекти на кои им е потполно посветена во овој период.
На FWSK Камчева одлучи да претстави колекција на панталони, здолништа и фустани со широк крој, шилести раменици, асиметрија и геометрија кои често ги употребува во креациите. Од боите преовладуваат белата, жолтата и виолетовата, а од материјали користи тенок кепер, ламе за некои детали, скај и жерсе. Колекцијата ќе ја претстави преку моден перформанс.
-Сè уште не е осмислена посебна кореографија и музика, меѓутоа сигурна сум дека ќе биде едно пријатно изненадување за сите оние кои што ќе го посетат модниот викенд. Се работи за ready to wear колекција чие име e Gravity. Самата инспирација започна од филмот „Гравитација“ кој ме поттикна и понатаму да истражувам на оваа тема. Преовладува и дополнителен психолошки елемент, како во умот на астронаутот кога од огромна височина ја набљудува земјата и самото тоа сугестивно делува тој да ја сфати кршливоста не само на своето постоење, туку и на сè што се наоѓа на површината на Земјата. Со додавање на тешки материјали на завршетоците на парчињата облека, се обидов да ја отсликам смислата на гравитацијата која е природна сила која им дава тежина на предметите и предизвикува тие слободно да паѓаат кон земјата кога се пуштени од некоја височина – открива Ана аа замислата на сега веќе нејзино четврто учество на оваа модна манифестација .
За неа како за амбициозен креативец со свежо впиено знаење правењето колекција значи потреба од многу истражување, кое вклучува и истражување на светските трендови и светски познатите дизајнери. Меѓутоа, секогаш е потребно дизајнерот да остане свој, да се води по неговата инспирација и да остави свој печат во креацијата, па и да воведе нешто ново. Колекцијата на Камчева содржи детална изработка на материјалите, експериментирање, третирање на материјалот со различни техники, како и апликација на детали како што се синдџирите на поголем број од дизајните. Моделите се наменети за девојки од 18 до 30 години кои сакаат да експериментираат со својот изглед, да бидат уникатни и да доминираат во средината.
Модната колекција ќе може да се набави во „Концепт 37“ веднаш по ревијата, и таму ќе остане еден ден од каде што клиентите ќе можат да ги набават моделите. Доколку останат некои од парчињата облека потоа ќе можат да се најдат во бутикот „Штипко” во Штип. Како и за секој млад креативец така и за Ана допрва претстојат предизвици за остварување на своите креативни визии. Нејзините планови со дипломата во рака се дека наскоро ќе има можност за соработка со некоја модна куќа или отворање на своето ателје оваа година во нејзиниот роден град Штип.
Нема коментари