Две млади девојки и идни дизајнерки Вера Ангелакова и Искра Младеновска своето видување за естетика го преточуваат на својот блог Aesthetics Illustrated, спој на фотографии со нивниот личен стил, следење на тенденции, белешки за домашните модни настани и нешто по што се единствени, објави со нивни модни илустрации. Често се дел од настани и проекти поврзани со блогерите од домашната сцена, а Вера неодамна се појави и во фотосесија во новиот магазин „Портрет“. За Stylist.mk открија дека и двете модата отсекогаш ги интересирала и привлекувала, поради што и двете запишуваат студии по моден дизајн, каде што и првпат ќе се сретнат. „Приказната на Aesthetics Illustrated започна сосема спонтано и емпириски“, ни објасни Искра, препознатлива по бујната црвена коса, како опозит на црната фризура со шишки на Вера. Љубителки на минималистички и експериментален стил, преку блогот презентираат една поинаква естетика и цел универзум кој се гради секојдневно поттикнат од разни инспирации, референци, омилени дизајнери, блогери, илустратори и домашни автори.
Двете сте идни дизајнерки со интересна естетика, зошто одлучивте дел од креативноста да ја преточите во блог?
Вера: Блогот го сметам за глобално достапна онлајн изложба, на „крајот“, сите живееме и се информираме во „глобалното село“. Со Искра истовремено почувствувавме потреба за простор на кој ќе го презентираме она што го чувстуваме, учиме и знаеме, па блогот ни изгледаше како фина опција за визуелно презентирање. Естетиката ја градиме експериментирајќи со облеката преку идејата да споиме два карактера во еден. Така целиме кон заеднички правец.
Искра: Двете бевме во потрага по платформа на која би можеле да го промовираме својот личен стил, но и она што го сакаме да го работиме. Блогот ни изгледаше како совршено место за презентација, затоа што тоа е платформа на која секој од нас може да сподели нешто алтернативно, некоја варијација на некоја тема… Нуди безброј можности.
До каде сте со креирањето облека, до кој степен на дизајнерска образба сте во моментов и што досега имате креирано?
Вера: Досега немаме претставено наш дизајн на облека на јавен настан, но во блиска иднина Ви ветуваме дека и тоа ќе можете да го видите. Сè што имаме креирано стои во универзитетскиот архив.
Каква содржина има на вашиот блог?
Искра: Ние го промовираме нашиот личен стил, ги презентираме и нашите вештини во областа на модната илустрација. Исто така се трудиме и да илустрираме и да пренесеме информации за дел од модните настани на кои се појавуваме – што воедно е идејата за блогерството. А ако се осмелите да ја погледнете (aestheticsillustrated.blogspot.com), тогаш ќе наидете на илустрации од нас облечени во сопствени креации и креации на нашите пријатели и идни колеги како Прокопие Каев, Леуарт Лека, Ирина Тошева, Мелани Дигит, Моника Ангелевска – сите одлични дизајнери.
Единствени сте по тоа што на блогот имате илустарции, дел од содржината наместо со фотографии ја прикажувате со илустрации, од каде и е идејата и кој ги прави цртежите?
Вера: Едноставно и двете ја сакаме модната илустрација, па поради тоа и немаше причина заради која не би илустрирале на блогот. Правиме илустрации за секој пост со аутфити, имаме илустрирано дел од модните настани на кои сме присуствувале и речиси секој четврток го обележуваме со текст од историја на мода, или актулените трендови кои после тоа ги илустрираме.
Дали имате некои примери од полето на модна илустрација?
Вера: Issa Grim, Garance Dorè, и секако безвременскиот Renè Gruau.
Кои блогови редовно ги следите?
Вера: The Rosenrot и The Haute Pursuit. Ги следам буквално сите од македонскиот блогерки круг.
Искра: Ги следам сите македонски блогерки, но посебно би ја издвоила блогерката Јована Зука која се истакнува со својот прочистен стил и естетика. Од странските пак, едни од омилените ми се Margaret Zhang и Vanessa Hong.
Се издвојувате и по својот прочистен личен стил. Како вие самите го опушувате стилот што го негувате и како го инкорпорирате секојдневно? Каде наоѓате облека?
Вера: Минималистички и експериментален. Во трка сум со време за да сошијам облека за мене.
Искра: Не би можела да го опишам својот стил со само еден збор, во својот плакар имам многу различни парчиња кои успевам да ги комбинирам и да создадам различни варијации. Љубител сум на облеката во „Зара“ и „Манго“, но не ретко знам и сама да си направам одредени парчиња.
Омилени дизајнери и брендови, како од светската, така и од домашната сцена?
Вера: Мене фаворити ми се Rick Owens, Rei Kawakubo… Меѓутоа најинспиративна и вонпланетска, што ме тера да мислам и креирам во моментот е дефинитивно Iris van Herpen. Од домашните не би издвоила фаворит, оние со кои што делиме слична аестетика ни биле, или се во план да бидат, соработници на блогот.
Искра: Од домашната сцена би ја издвоила Јована Филиповиќ, а од странската има многу дизајнери и модни куќи кои ги сакам, почнувајќи од Prada, Miu Miu, Saint Laurent, па сèдо дизајнерите како Alexander Wang, Rick Owens, Yohji Yamamoto, Bouchra Jarrar и многу други.
Со кого најчесто соработувате на блогот?
Вера: Aesthetics Illustrated е отворен за креативна размена на модна енергија во сите сфери во кои делува модата. Досега неколкупати остваривме соработки со млади дизајнери, фотографи и шмикери.
Искра: Соработувавме со Ерина Богоева, Ања Крстевска, Горан Поповски, Владимир Видановски, Мелани Дигит, Леуарт Лека, и секако со Прокопие Каев, Емануела Јосиф и Моника Ангелевска кои имаат голем распон на улоги – како дизајнери, фотографи, консултанти…
Следите ли како се развива македонската модна сцена и што е она што најмногу ви се допаѓа?
Искра: Во последниве неколку години редовно ја следам македонската модна сцена која моментално е во подем. Бројот на млади и надежни дизајнери се зголемува, а тоа е всушност и она што многу ме радува.
Вера: На македонската модна сцена се чувствува креативен потенцијал, меѓутоа екпериментирањето со облеката е ограничено со буџет, со малиот пазар и со културата на облекување.
Кои според вас ќе бидат најактуелни трендови за пролет-лето 2016?
Вера: Деведесеттите и сè што оди со нив, чоукери, бомбер јакни, слип фустани, оверсајзд јакни, плетенки… За дел од овие трендови веќе пишувавме на блогот во делот #TrendyThursday.
Нема коментари