Минатата година беше навистина интензивна за дизајнерката Лидија Георгиева, а од нејзината дизајн-лабораторија излегоа творечки идеи кои покрија неколку креативни области – модна ревија за новата колекција „Пејсаж бр. 26“, изложба на Скопската недела на дизајнот со уникатна колекција на керамика и внатрешно уредување, учество на меѓународни недели на дизајнот во Загреб, Софија и во Белград, спроведување на новата образовна програма на ТМФ. Годината успешно ја заокружи со потпишан договор до компанија од Сан Франциско за дизајнирање футроли за новите верзии на iPhone, Kindle, iPad и Samsung.
-Понудата од Сан Франциско ја добив непосредно по одржувањето на Неделата на дизајн во Скопје. Се работи за 10 идејни решенија за принт на футроли за најновите модели на iPhone, iPad, Kindle и Galaxy Samsung. Освен на сајтот на Kekа, производи ќе се пласираат и на „Амазон“ на САД и на Велика Британија. Дизајните на отпечатоците се дел од мојот универзум, предложив за три теми, од кои две се декоративни (Techno Flowers или Magnolia Versailles), а третата е медитативна, космичка, хипнотичка. Има дизајни кои се викаат Super Nova или пак Prune Star. Ми се допаѓање идејата тие слики да се најдат на телефон. Таа играчка денес го содржи целиот наш живот и во неа има повеќе технологија отколку во првите вселенски мисии. Навистина возбудлива авантура, работев со големо уживање.
>>Што беше највозбудливо и најпредизвикувачки во однос на дизајнирањето футроли? Сепак преку овој производ се обраќаш на поширока публика…
-Идејата е доста привлечна, се работи за производ кој значајно го смени секојдневието. Користејќи современа технологија на печатење им дадов живот на слики кои посакував да постојат, но немав начин тоа да го сторам во Македонија. Некои идеи веќе се појавија не ревијата минатиот април, кога ја претставив колекцијата „Пејсаж бр. 26“.Тогаш започна процесот на истрага по виртуелни пејсажи, ова беше логична прогресија. Понудата од Калифорнија дојде во прав момент, токму кога барав производ кој би ги носел моите идеи за отпечатоци. Фактот што и’ се обраќам на поширока публика не значи дека треба нешто да сменам во стилот на изразување, туку само професионално да ги спакувам идеите, а тој терен ми е познат, бидејќи седум години работев лиценци за Јапонија.
>>За оние што сакаат да си набават футрола со принт дизајниран од Лидија Георгиева, каде да се обратат?
-Производите се претежно наменети за американско, канадско и британско подрачје, продажбата е активна на сајтот на Кека и на Амазон, а наскоро се надевам и во Скопје.
>>Во овој контекст, по дведецениско творење модни парчиња креативниот интерес го прошири и на мебел и дизајни за домашно уредување, една од поновите авантури е колекцијата на керамика, веројатно првата кај нас со дизајнерски потпис. Што те предизвика да се фокусираш токму на керамика?
-Отсекогаш ме привлекувала таа материја, поради процесот на обликување, нејзината чуствителност и реакцијата на допир со рацете. Масата од која се изработуваат керамичките и порцеланските производи сме ја наследиле од праисторијата на човештвото, се усовршувала низ целата историја, а нејзините благородни квалитети и позитивни вибрации се одамна познати.
>>Колку ти беше инспиративен, возбудлив, податен процесот на работа со керамика?
-Комплицирано е, зависи од многу фази во изработката. Дизајнерот мора да биде јасен и упорен уште од почеток во својата идеја, почнувајќи од изборот на керамичка маса, па сите процеси на обликување, сушење, печење, глазирање, печатење. Тука ќе ја истакнам соработката со професорката Емилија Фиданчевска од ТМФ, која со својата стручност ми помогна во сите етапи. Неколку дизајни беа збогатени и со употреба на инокс, што беше додатен технички предизвик за добивање на финалниот резултат. Сепак, во фазата на изработка постои еден медитативен момент, кој не може да се опише, се работи за чисто и многу пријатно задоволство.
>>Керамичката колекција ја претстави на последното издание на Неделата на дизајн во Скопје (SDW). Задоволна ли си со првичната реакција?
-Многу од посетителите мислеа дека пред оваа имам веќе неколку колекции керамика. Тоа го сфатив како комплимент. Неколку дизајни сега се дел од внатрешното уредување на резиденцијата на Француската амбасада во Скопје. Целата колекција беше објавена во реномираниот италијански магазин Design42day, а подоцна следеше изложба во „Концепт 37“. Секако дека сум задоволна и од искуството и од резултатите.
>>Впечаток остави твојата интерпретација на столицата Јајце од познатиот дански архитект Арне Јакобсон…
-Фотељата Јајце е дел од историјата на визуелната уметност. Многу дизајнери ја интерпретирале, но никој досега на начин којшто го одбрав. Инаку, продуктот е резултат на соработка со Архитектонското студио „Смарт ливинг“ и е дел од нашата заедничка колекција за домашно уредување LG4SMART. Може да се набави во нивната продавница. Во заедницата на архитектите овој дизајн предизвика големо внимание и комплименти.
>>Твоето престатвување на SDW беше во знакот на дивото и питомото. Како успеа да ги споиш овие две спротиставени состојби?
-Живееме во систем кој бара од нас да сме во беспрекорна физичка форма, психичка стабилност и рационално размислување. Нашите постапки треба да се политички коректни, а нашите ставови социјално прифатливи. Тоа е нашата системски припитомена страна, како зверки во кафез. Каде се крие нашиот вистински генетски код и како тој живее во заедница со питомото животно? Ова прашање го истражував не само во дизајнот, туку и во изработката, така што како резултат на тоа сè е изработено и рачно и индустриски.
>>Керамика, ѕидни украси, предмети за домашно уредување, принт за футроли, машки маички со принт… Имаш ли време и енергија за создавање женска облека?
-Женската облека беше исто така дел од моите активности есенва, но беше во подискретно издание. Деновиве започнав со новата колекција, сè уште сум во фаза на истрага, рано е да се зборува, но мислам дека ќе биде доста возбудлива и интересна. Секако, следува ревија.
>>Иако минатата година ти донесе неколку професионални новини, да не ја заборавиме модата и тоа што претстави модна колекција на априлското издание на Моден Викенд Скопје. Колку си задоволна од тоа како македонската публика реагираше на последните креации?
-Реакциите беа одлични, јас имам публика што знае да препознае квалитет и креативност која излегува од рамките на локалната сцена, а интересно е дека сите се едногласни во коментарот дека моите дизајни се посебни. Имам вроден отпор кон дизајнирање веќе видени модели, односно рециклирање на туѓи идеи.
>>Дел од твојот интерес во изминатиов период е ангажманот на професор на Технолошко-Металуршки факултет во Скопје. Беше ли ова вистински момент во твојата кариера посериозно да се посветиш на професорскиот ангажман и кои се твоите почетни заложби да создадеш една современа и издржана катедра која ќе ги заинтригира оние што сакаат да станат модни креатори?
-Сега имам можност да ја работам оваа работа, бидејќи сум тука со постабилен ритам. Порано тоа не беше можно. Интересно е да се работи со студенти, сфатив дека ако директно им се обратиш со внимание, резултатот доаѓа веднаш. Магично! Имам еден долгорочен план, но за тоа ќе зборуваме во друга прилика.
>>Своевремено како првенец на генерација на ФЛУ во Скопје аплицираше и доби стипендија од француската влада за студии по моден дизајн на париската школа Дупере. Што од она што таму го научи сакаш да им го пренесеш на твоите студенти?
-Целиот систем на размислување и доаѓање до идеи, нивно развивање во артикулирана целина и колекција што содржи издржана идеја, како и отворен дух
>>Една од задачите што си ги постави во однос ангажаманот на ТМФ е создавање нова студиска програма која ја надоплни веќе постоечката за текстилни инженери. Што таа содржи и кои се твоите главни предмети?
-Студиската програма за дизајн и инженеринг на облека е конципирана како спој на технолошко и дизајнерско образование. Мислам дека е тоа многу интересна и единствена комбинација. Јас предавам неколку предмети поврзани со модниот дизајн, илустрација и историја и секако, ги подготвувам студентите за годишната ревија која се одржува на ТМФ секоја пролет.
>>Неспорно е дека постои огромна разлика меѓу парискиот моден свет и македонската модна сцена, но како некој што повеќе од две децении ја „живеел“ модата во Париз, што треба да прифатиме за вистинско (про)функционирање на модата во Македонија?
-Оф!
>>Мислам дека извиков сè обајснува… Ти недостасува ли Париз?
Некои работи да, некои воопшто не. Највеќе ми недостасува парискиот дух.
>>Таму се стекна со богато искуство работејќи кај Корин Кобсон, во париските луксузни ателјеа на „Рошас“ и „Балман“… Кога сега би се вратила во Париз и би имала отворена врата да бираш во која модна куќа сакаш да работиш, што би избрала ?
-Не би сакала да работам во ниедна куќа на постојан ангажман, премногу ми значи мојата слобода на движење во креацијата. Како надворешен соработник би избрала или плетена колекција или серија отпечатоци за било која луксузна куќа. Имам огромно почитување за куќата Александар Меквин, но мислам дека највеќе работа за мене има кај „Мисони“, ми се допаѓа идејата за семеен бизнис. Познавам неколку италијански куќи кои би ми позавиделе на архивата од мустри која ја собирав со години/
>>Иако велиш дека не се ограничуваш со стилски определби, плетените парчиња, везените апликации и печатените уникати се твој заштитен знак. Како сега во моментов го дефинираш она што го работиш, својот креативен светоглед и стилот со кој се изразуваш?
-Немам дефиниција, тоа вие новинарите го правите подобро од мене. Јас имам само многу љубов, интуиција, искуство и изведбена техника.
>>Според тебе, дали еден дизајнер, освен во моден аспект, треба да се реализира и во други творечки медиуми?
-Па не знам за другите, но мене лично фокусирање на само еден медиум ми е доста клаустрофобична опција.
>>Што значи успех за тебе? Да те исполнува работата? Континуирано да создаваш колекции? Да се продаваш во Париз кој се смета за врв во модата? Да ги насочиш студентите на прав пат? Да те „носи“ Мадона?
-Претпоставувам сето тоа заедно. Сигурна сум дека Мадона прекрасно изгледа во дизајнот што го купи од мојата колекција. Да се продаваш во Париз е сериозен предизвик, а да се продаваш во Париз во референтни бутици е уште потешко. На тоа сум секако горда, а за континуирано креирање, веќе реков неколку пати – тоа е мојот луксуз.
>>Ќе ти пречи ли ако покрај твоето име постојано е залепена флоскулата „дизајнерка чие парче купи Мадона“, небаре тоа е твоето најголемо достигнување?
-Не ми пречи. Моето најголемо достигнување, се надевам дека сè уште не сум го остварила.
>>За твојата модна кариера „виновен“ е еден многу познат француски креатор, Кристијан Лакроа, кој напиша препорака која ти помогна кон крајот на 80-тите да ја добиеш стипендијата за школување на Дипере (со што веројатно си прв студент од Македонија што студирал на престижно париско модно школо). Успеа ли некогаш да се сретнеш со него?
-Господинот Лакроа со препораката која рачно ја напиша на цела страна од мојата колекција цртежи ми помогна да ми се отворат најтешките врати. Не успеав потоа да му се заблагодарам лично, а животот сакаше неколку негови вработени да ми се блиски пријатели.
>>Иако не беше присутна на домашната сцена две децении, знаеш добро да ги анализираш ситуациите, маките, проблемите и негативностите во македонската мода. Како се доведовме во ситуација многу несериозни играчи, под превезот дека сериозно се занимаат со мода, да си играат и прават мошне несериозни чекори кои само ја назадуваат сцената?
-Многу е тенок слојот на вистински дизајнери кои ја познаваат работата и веројатно токму поради тоа се неми посматрачи на шарлатанска ситуација. Македонската мода е локален феномен чија што апсурдност е тешко да се опише. Се работи за недостаток на писменост и на визуелна култура во сите области на дизајнот, но мислам дека во модата тоа е највидливо. Многу е лесно да сошиеш едно фустанче, а новопечената публика тоа да го толкува како дизајн или уште полошо, како колекција. Нема да навлегувам во спектакуларните небулози кои ги видов и прочитав во последниве неколку месеци, но навистина сум изненадена од неквалитетното размислување кое нема ни почеток ни крај. Недостатокот на професионализам, импровизација, амбиција во комбинација со предимензионирана провинциска мегаломанија, отсуството на вистински критериуми, сето ова се коси со она што се работи, учи и применува во нормалнот свет. Се надевам дека неколкуте драгоцени исклучоци ќе продолжат да работат.
>>Сакаш да готвиш, да уживаш во музиката, да посетуваш културни настани… Какви визуелни, музички, амбиентални и други сетилни референци може да те инспирираат за креирање?
-Автентични, егзотични, концептуални, пасионирани…
>>Дизајн за тебе претставува креирање облека, правење модни додатоци, создавање мебел и керамика, работа како костимограф… Што е следен предизвик?
-2014 година…
Нема коментари