Со секој свој нов дизајн го слави животот и пренесува „заразно“ позитивно расположение. Неговите графики, дури и кога се испечатени во една боја или во црно-бело, во себе имаат колорит кој поттикнува шаренило од емоции. Визуелниот уметник и графички дизајнер Горан Костовски-IndOg расположува и со новите илустрации со насмеано Сонце и со кученце што танцува, испечатени на бели маици. Линијата за пролет-лето 2014, наречена Moments, е петта колекција под неговата, веќе добро позната етикета, Celebrate Life.
-Иако веројатно се очекува секоја нова колекцијата да се проширува, јас одлучив оваа да биде најмалата едиција и да продуцирам само две илустрации и исто толку модели на маици. Иако нацртав 10 илустрации, сепак решив да се задржам на најбитните моменти кои што мене ми се значајни последниве месеци. Првото е Сонцето, кое што со неговото изгревање и заоѓање го означува раѓањето на новиот ден или завршувањето на истиот, исполнет со многу предизвици и моменти… Покрај оваа илустрација, повторно се присутни танцот и играта, но сега илустрирани преку куче. Кучињата се секогаш расположени и ведри за игра. Кај нив нема манипулации и лаги кои што ние луѓето ги користиме за да се допаднеме некому за да бидеме нешто што не сме по секоја цена само за да добиеме внимание. Кучињата се искрени и тие можат да ве насетат дали сте добра личност или не, и самите да проценат дали сакаат да играат со вас. Таа нивна искреност и весела константност мене ме фасцинира-вели IndOg.
Се одлучил за белата боја како основана маиците поради чистината и совршенството која што ја носи. Вели дека совршено се вклопува со значењето на принтовите.
-Печатот на едната маица е со флуроцентна боја, која асоцира на прекрасните тонови на зајдисонцето. Неонот и флуроцентните принтови секогаш предизвикуваат внимание, и никогаш не излегле од актуелност, но во последно време се многу присутни, не сакам да кажам модерни… Секако, тука е и црната боја, која означува дисциплина, независност, силна волја и ни остава силен впечаток. Мене ме асоцира на моето куче Поко, кое е црно-бело-објаснува Костовски.
Неодамана изработи lookbook со фотографот Жарко Чулиќ, чии фотографии ви ги претставуваме премиерно на Stylist.mk.
- Како и секоја сезона, соработувам со значајни и прекрасни креативци. Жарко Чулиќ секогаш изненадува со своите идеи. Сценографијата е секако негово дело, додека за изгледот се погрижија секогаш фантастичните Panache. Познато е дека како модели во моите промотивни фотосесии се појавуваат урбани индивидуалци, кои имаат посебен пристап кон облеката. Овој пат соработував со Ангела и Боби, кои што се од помладата генерација на модно освестени личности-вели тој.
Нема коментари