Визуелниот уметник и графички дизајнер Горан Костовски- IndOg под својот бренд Celebrate Life ја промовира својата нова мини линија на блузони, наречена In The Woods. Станува збор за женски и машки модели со два принта во препознатлив стил на IndOg, наменети за сезоната зима 2014/15. Дизајнерот вели дека инспирација за новите креации билe шумата и животните.
-Јас сум огромен вљубеник во природата и се сметам за голем пријател на животните, па така, оваа колекција е инспирирана од шумата и шумските жители. Секако, линијата е продолжение на претходните капсулни колекции, кои беа инспирирани од секојдневието, убавината и едноставноста на животот. Од боите, овој пат се одлучив да бидат црна и црвена, поради преминот на тоновите кога ноќта се спушта во шумата а, црвената поради најубавите тонови на зајдисонцата што ги гледав периодов (летото, пролетта, есента). За разлика од ланските дуксери, овие се потенки и секако има поинакви интервенции во поглед на кројот, џеб и составните елементи на истите- вели Горан Костовски- IndOg.
Тој, како и за претходните капсулни колекции, деновиве сними промотивна фотосесија, која ексклузивно ви ја презентираме на Stylist.mk. И овој пат соработува со фотографот Жарко Чулиќ, а како модели се јавуваат урбаните скопски ликови- Марија и Ики. За шминката и фризурата се погрижи Јелкица Поповска. (А.Н.)

Фото: Жарко Чулиќ, модели: Марија и Ики, шминка и фризура Јелкица Поповска
Нема коментари