Авијатичар, лекар, добриот дух од аладиновата ламба, дадилка, претседател, професор, Петар Пан и сè друго. Но тој беше единствен. Тој пристигна во нашиот живот како туѓинец, но на крајот го допре секој аспект на човечки дух . Тој нè засмејуваше и нè расплакуваше. Тој го споделуваше својот неизмерен талент слободно и великодушно со тие што имаа најмногу потреба – од нашите војнички трупи во светот, до маргинализираните луѓе на нашите улици… Со овие зборови американскиот претседател Барак Обама се збогува од еден од најпочитуваните актери, Робин Вилијамс, чие безживотно тело беше пронајдено вчера (11 август) во неговиот дом во Калифорнија.
Причина за прераната смрт на комичарот, кој на 21 јули наполни 63 години, најверојатно е самоубиство со задушување, но допрва треба да бидат завршени и обелоденети вештачењето и токсиколошкиот тест. Зад себе ја остави сопругата Сузан Шнајдер и трите деца од првиот брак: Захариј, Зелда и Коди. Шнајдер, со која Вилијамс бил последен пат виден жив претходната вечер во соопштение до јавноста вели дека „иако нејзиното срце е скршено поради неговата смрт, се надева дека нејзиниот сопруг ќе се памети по среќата што им ја донесе на огромен број луѓе, а не по неговата смрт“… Неговите соработници, колеги и фанови, денеска, видно потресени, се збогуваат од човекот што беше вистински актерски камелеон, можеше да биде подеднакво смешен и тажен, да одглуми дете, старица, робот, дух, историска личност, но и „обичен“ човек. Во продолжение е избор од најнезаборавните ролји на Вилијамс .
Нема коментари