„Збогум Принцеза Леа“…„Силата нека биде со тебе“…Фановите ширум светот, со овиe зборови на социјалните мрежи се збогуваа од својата омилена холивудска принцеза, ѕвездата на култниот серијал „Војна на Ѕвездите“, актерката Кери Фишер, која вчера почина на 60-годишна возраст. Смртта настапила како последица на масивниот срцев удар кој го доживеа неколку дена претходно, на 23 декември, за време на летот од Лондон кон Лос Анџелес. Фишер зад себе ја остави својата 24-годишна ќерка Били Лорд и мајка си, холивудската старлета Деби Рејнолдс.
Емотивни пораки до семејството и обожавателите пратија нејзините колеги од „Војна на Ѕвездите“, Харисон Форд и Марк Хамил, а се огласи и Џорџ Лукас, која ја опиша „својата Принцеза Леа“ како „неверојатно паметна и талентирана актерка, писателка и комичарка, со многу шаренолик карактер, која ја сакале сите“.
Нејзината животна приказна е неверојатна и поколоритна од било каква фикција и холивудски филм. Родена во семејство на актерските легенди: Еди Фишер и Деби Рејнолдс, уште од детството ја почувствувала блескавата, но и мрачна страна на славата. Нејзините родители се развеле поради аферата на татко ѝ со Елизабет Тејлор, што оставило трага врз Кери. Нејзиниот живот го следат издигнувања и падови, справување со биполарноста и зависноста од лекарства и дрога. Една година била во брак со музичарот Пол Сајмон, а со партнерот Брајан Лорд ја има својата единствена ќерка Били.
Светска слава стекна со ликот на Принцезата Леа во „Војна на Ѕвездите“, во 70-тите години, а се појави и во новото продолжение од минатата година – „Војна на ѕвездите: Будење на Силата“… Повеќе филмски сајтови јавуваат дека пред смртта успеала да го сними својот дел и за следниот Star Wars филм: Episode VIII, што треба да биде промовиран во 2017… Зад себе има забележителни улоги и во The Blues Brothers, Hannah and Her Sisters, When Harry Met Sally… како и во многу серии. Последните години имаше повеќе гостувања во популарни ТВ-Шоуа, а последното, кратко пред смртта ѝ беше во Graham Norton Show во Лондон. Доста внимание привлече и со своите полу-автобиографски книги Wishful Drinking и Postcards from the Edge…
Се памети како голема феминистка и жена што секогаш го кажувала своето мислење без ограничувања. Изврши големо влијание и во светот на модата, со својот стајлинг како Принцезата Леа, посебно начинот на кој ја носеше косата… Се памети и нејзниот златен костум како робинка од „Војна на ѕвездите“. На нејзиниот стил, филмска кариера и живот се сеќаваме преку избор од неколку фотографии.
Нема коментари