Ѕидовите и полиците на концептуалната продавница на брендот Just Because, на дизајнерката на накит Нина Симовска, веќе некое време ги красат симпатични илустрации, аплицирани на ламби, платна и други предмети. Оваа пасија за цртање долго време тлеела кај Симовска, која неодамна решила да ја пренесе од својот sketchbook врз додатоци за разубавување на работниот простори или домот.
-Инспирацијата за цртежите ја црпам одљубовта кон илустрацијата. Долго време ги цртам и имам полни тефтери со скици со нив. Но некако не им беше дојдено времето да си најдат свое место, дури вака и поубаво е, секоја година по нешто ново. Уметноста и дизајнот сепак се неисцрпни за тој што вистински ги сака. Техниките на цртежите се во акварел, оние во боја, а останатите се цртени со туш и рапитограф. Мотивите се различни и зависат од моето расположение. Имаат една заедничка карактеристика, а тоа е дека сонуваат и се скоро секогаш со затворени очи. Што се однесува до продажбата сега за сега може да се најдат во мојата концептуална продавница, а секако може и да се нарачаат претходно. Сметам дека одлично се вклопуваат во секој современ амбиент-вели Симовска.
Покрај илустрациите, Нина постојано е посветена на својот бренд и концептуална продавница, Just Because, каде што се создаваат нејзините препознатливи масивни ѓедрани и украси со патенти. Таа во меѓувреме ги прошири полињата на кретивен интерес, и покрај накит создава украси и детали употребливи во секојдневието. Специјално за Stylist.mk открива дека кон средината на октомври планира да одржи мала изложба на која ќе бидат претставени дел од цртежите и некои други интересни дизајни.
- Во тек е изработката на една капсулна колекција со дизајнерката Ирина Тошева и нова колекција со „Лудус“, која што ќе биде претставена на саемот за модерна уметност во Торино, „Паратисима“- ни изјави таа.
Пред половина година дизајнерското студио Just Because, кое се наоѓа во центарот на Скопје, ослободи еден мал креативно-концептуален простор зa неколку домашни брендови за облека и украси. Таму може да се најдат креации на брендовите за облека „Лудус“ , Chic Undercowear , Аcid wear girls, дизајнерката Ирина Тошева и етикетата за часовници Project Time. (А.Н.)
Нема коментари