Во последните години препознатлив на домашната сцена како шминкер на младиот Игор Марков сосема природно му изгледаше да продолжи со моден дизајн, всушност отсекогаш сакал професионално да се занимава со мода. Како и повеќето модни дизајнери кои се нашле во архитектурата, Марков по завршувањето на постдипломскиот циклус по архитектура се запишува на скопскиот Интернационален институт за мода „Изет Цури“ и сега го очекува првиот голем предзивик – претставување на својата прва комплетна колекција на претстојниот Моден викенд-Скопје. Со Игор разговаравме за подготовките за оваа манифестација, неговиот дизајнерски сензибилитет и за задоволството да се едуцира кај Изет Цури кој со децении работи во големите ателјеа во Париз. Ексклузивно за Stylist.mk тој ни ја откри новата фотосесија направена со фотографот Мартин Пацов Саровски која открива дел од неговата колекција.
>>Како почна твојата приказна со дизајнирање облека? Неколку години работиш како шминкер, како се случи преодот од шминкер во моден креатор?
-Модата е моја најголема страст, пасија од најрана возраст, за мене таа претставува движечка компонента на мојот свет. Не постои нешто што ме прави посреќен од процесот на дизајнирање облека и се разбира крајниот резултат. Секогаш ми беше кристално јасно дека ќе се занимавам професионално со мода меѓутоа го чекав правиот момент. Имено, минатата година го завршив постдипломскиот циклус по архитектура, што за мене беше едно одлично, позитивно искуство кое сметам дека ми даде солидна база, подлога за разбирање на пропорција и структура генерално. Сепак иако ја сакам и архитектурата која за мене е сродна наука со модата, огромна желба ми беше да дизајнирам облека. Додека студирав архитектура шминката беше мојата врска со модата, токму и затоа настојував претежно да работам на професионални едиторијали, фотосесии кои дозволуваат еден покреативен, авангарден и експериментален пристап кон истата, всушност шминката може да се каже дека е мода за лицето. Во идеален момент во мојот живот се појави интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ поддржан од француска амбасада, бескрајно сум му благодарен на господин Изет за огромната поддршка која ми ја пружи и за неговото менторство без кое јас не би можел да започнам со реализација на мојата визија.
>>Својата прва колекција ја најавуваш со ревија во рамките на престојниот Моден викенд-Скопје. Од оваа дистанца што може да ни откриеш во однос на инспирацијата и описот на колекцијата?
-Точно, станува збор за приватна, самостојна ревија од затворен тип, односно исклучиво со покани, која ќе се одржи во долгата галериска сала во објектот на „Музеј на град Скопје” (познат како стара железничка) на 22 октомври во рамките на Моден вкенд. Огромна благодарност би сакал да изразам кон организацијата на Моден викенд-Скопје за нивната подршка. Моја голема желба беше ревијата да биде од затворен тип, бидејќи всушност го претставува мојот моден почеток и ја доживувам како многу интимно искуство кое сакам да го споделам со публика која ми е блиска. Станува збор за Prêt-à-porter féminin de luxe, односно ексклузивна, вечерна колекција за модерни, урбани жени. На колекцијата интензивно и макотрпно работам повеќе од 8 месеци и огромно внимание е посветено токму на моделизам (кроење), широк и разнолик е опсегот на силуети и кроеви, меѓутоа тоа што ги поврзува сите парчиња е пристапот кон кроењето кој апсолутно е во прилог на истакнување на женската фигура, сите линии, сечења го следат женското тело во интересен и геометриски манир. Конкретна инспирација за колекцијата нема, не ми се допаѓа принципот на барање инспирација во конкретни рамки и присуството на јасно забележливи референци кога станува збор за креирање на една колекција. Токму затоа оваа колекција е еден еклектичен микс со суптилно референцирање, ако внимателно набљудувате ќе забележите елементи од египетска култура, готика, rock’n’roll, disco и концизно кажано, сè што претставува гламур за мене. Бидејќи е мое прво модно претставување многу ми беше важно да ја пренесува јасно мојата естетика, стил кој идеалната жена во мојот свет го поседува.
>>Дали веќе со неколкуте креации и преку подготовката на дебитанската колекција успеа да го поставиш концептот на она што ќе биде препознатливо за твојот авторски печат? Како засега го дефинираш својот стил?
-Кога размислувам за мојот стил прво нешто што ми паѓа на памет е смелост и гламур. Сакам да верувам дека уште со првата колекција сум успеал успешно да го дефинирам својот печат како дизајнер и искрено се трудев колекцијата да е автентична и верна на мојата естетика околу тоа како една самоуверена, реализирана жена со силен карактер треба да изгледа но коментарите после ревијата ќе пресудат.
>>Се школуваш кај Изет Цури, зошто се одлучи токму за неговиот едукативен центар и кои се првите импресии од школото?
-Спонтано ја донесов одлуката да се школувам во интернационалниот моден институт „Изет Цури“, како што веќе напоменав тајмингот на отварањето на институот беше идеален за мене, веќе започнував да чувствувам агонија и очај за да почнам да се занимавам со мода и сериозно размислував за солуции во странство. Меѓутоа кога дознав за институтот и се запознав со импресивното резиме во светски рамки на господин Цури, кај мене се разбуди љубопитност за новоотворениот институт. Бев да го посетам и ме освои со работната атмосфера која таму владее. Школото апсолутно ги задоволи моите очекувања и топло го препорачувам на сите модни љубители.
>> Неодамна заедно Цури и неколку колеги претставивте во Париз… За што поточно станува збор?
-Пред неполн месец професионално го посетивме Париз за да направиме мало preview на колекцијата која ја спремавме во текот на посетата на курсот по моделизам во рамките на институтот и да се здобиеме со интернационално признат сертификат за моделизам и стилизам од страна на модната федерација на Париз. Искуството беше незаборавно ,а коментарите повеќе од позитивни, покажавме дека и во Македонија има таленти кои може да задоволат една толку сериозна публика. Воодушевени беа од резултатите кои сме ѓи постигнале за само една година.
>>Дали уште се занимаваш со шминкање и кои се главните тенденции за оваа есен?
Со шминка се занимавам и понатаму, веќе повеќе од две години имам убава соработка со магазинот Unique и сум одговорен секој месец за изготвување на make up look-ови за потребите на нивниот едиторијал за make up. Носечка тенденција во трендовите за шминкање не само оваа есен, туку и веќе подолг временски период е иделната порцеланска сјајна кожа на лицето како и драматично изразените очи.
>>Како ја замисли шминката за сопствената ревија?
-Шминката за мојата колекција е ултра гламурозна, специфична и драматична, како и самата колекција. Истакнати очи во неочекувана нијанса и крв црвени усни.
>>За промовирање на коелкцијата подготвуваш фотосесија, со кого ја работиш и кога ќе ја преставиш?
-За промотивни цели за пласирање на колекцијата и успешно комуницирање на истата со пошироката јавност направив повеќе фотосесии позади кои стои Мартин Пацов Саровски со кој имам одлична соработка, не само поради неговиот талент, туку уште поважно бидејќи комплетно се труди да ја разбере и долови мојата визија и идеја за која сум прилично конкретен во однос на очекувањата и желбите. Наместо било што да ви откривам, екслузивно ќе ги поделам со вас фотографиите од најавната фотосесија кои суптилно покажуваат што може да очекувате, а после ревијата ќе ги објавиме и фотографиите од кампањата
Нема коментари