Стана позната како сопруга на Џорџ Клуни, но Амал Аламудин Клуни е повеќе од тоа – успешна адвокатка која што специјализира меѓународно право и човекови права и жена која ја знае моќта на вистинското деловно облекување. Прикладно облечена во деловните средби, Амал бира софистицирани деловни комбинации кои се микс на класични парчиња и модерен, смел изглед. Затоа ја избравме како инспирација за деловно облекување во следниот пролетно-летен период. Сите знаеме дека во пролет и лето треба да бираме лесни и природни ткаенини, но кога е деловниот изглед во прашање треба да ги избегнувате премногу летните и разголени парчиња. Може да носите и црн костим од сако и здолниште/панталони, но намалете на модните додатоци и внесете барем едно полетно парче – на пример беж салонки. Комбинацијата од панталони и деловен топ може да ја носите со мала доза на лежерност доколку изберете ниски чевли наместо високи потпетици. Комплетите од здолниште и шанеловидно сако е вистинска опција преку целата година, во пролетно-летните месеци тие се во поведри бои и од соодветни ткаенини. Овој период во однос на деловниот изглед најчесто се носат фустани, но по примерот на Амал избегнувајте модели со тенки прерамки и од проѕирни материјали. Амал сака да внесува интензивни бои во својата гардероба, особено црвената, но секогаш прави баланс, ако облеката е во боја, чантата и чевлите се неутрални и светли, и обратно.
Нема коментари