Младата Викторија Арсовска својот дизајнерски авторски израз го прикажа вчеравечер со модна ревија на својата колекција „Маршот на боговите“, дел од програмата на овосезонскиот Моден викенд-Скопје. Колекцијата е наменета за есен-зима 2017/18 и е инспирирана како што вели дизајнераката, од статусот на жената во времето на француската револуција и нејзината борба за права и еднаквост. Од тој период го превзема корсетот и го вметнува во својата колекција како едно од централните парчиња и го инкорпорира во еден контрасен микс на материјали и форми - грубите текстили со свиленкастите, строгите кроеви со лелеавите форми. Од периодот на француската револуција го превзема и маршот, како симбол на женската борба за еднаквост и го пренесува во денешно време како симбол на храбар исчекор на модерната жена која е дама и бунтовник, нежна и силна истовремено.
- Презентирана е женственост и сексапил преку кроевите инспирирани од машки униформи и преку машката грубост на посебно избрани материјали. Корсети подзатскриени со капути и елеци од чоја и кожа, свилени фустани во комбинација со кожни каиши и метални копчиња, додека лелеавоста на истите се противи на крутиот штоф. Ова мое прво самостојно претставување на Моден викенд во Скопје беше вистински предизвик за да се креаира за жената во минатото, приказ на храбар чекор на понежниот пол, претставени како дами и бунтовнички истовремено, но и како доилка и војник во една паралела, како љубовница во панталони која ужива во разни разврати и скандали кои се табу теми. На сите посетители им приредив еден поинаков марш на боговите што ми претставува понатамошен поттик за развивање на модната гранка – вели Арсовска.
Дизајнерката игра со смелиот и драматичен изглед со доза на авангардност и сексапил. Креациите се базираат на констрастен спој на строги форми, погруби ткаенини и лелеави транспарентни парчиња кои ги следат сулуетите во задниот дел како еден вид шлеп. Таа ги нагласува ракавите, почнувајќи од рамењата, балонестите форми на еден модел и расцепот кај лактите на друг, до провокативната проѕирна креација со звонести форми над дланките. Контрастот се среќава и во должината, фустаните, палтата и елеците се долги до земја, а како спротивност има секси кратко сако и корсетирани боди-креации. Доминира црната, со повремено вметнување на беж и црвена боја. Ревијата ја затвори познатата манекенка Ана Калачоска со одлучен од и во драматичен црн комплет со долг шлеп. (К.Т.)
Фотографии: Ани и Дими
Нема коментари