Луксузната модна куќа „Диор“ неодамна го отвори својот најголем бутик досега, во футуристична градба со адреса во областа Гангам во Сеул, Јужна Кореа. Дизајнирана од страна на францускиот архитект Кристијан де Порзампарк и од дизајнерот на ентериери Пјер Марин, оваа елегантна градба од шеста ката со марканта кривулеста бела фасада е хармоничен дом за производите на „Диор“ – женската претапорте колекција, парфеми, чанти, накит, чевли, часовници, како и посебен дел за Dior Homme.
Обликот на овој моден споменик според архитектот е инспириран од движењето на ткаенините. „Размислував за движењето на таенината, ефектот на материјалите за облека, па создадов фасада која ги истражува овие елементи на дизајн. Конструкцијата има чувство на движење, кое што си игра со светлината – таа скулпторна еластичност ми беше појдовна точка“ изјави де Порзапарк.
Ентериерот е изработен од дрво, кожа, метал и лак кои се испреплетуваат на сосема необичен и иновативен начин. Питер Марино одлучи да ги поздрави посетителите со скулптури на славната корејска уметничка Ли Бул. Главните скали се замислени како неодмотана врвка која ги води купувачите во одделот за женската колекција, и делот каде се продаваат модни додатоци. На еден од горните катови е сместена галерија со приватен салон, простор украсен со сликарски дела.
Во поткровјето се наоѓа познатото кафуле Café Dior Pierre Hermé, во кој може да се пробаат специјалитетите на познатиот слаткар Пјер Ерме, кој разви посебна понуда за овој бутик на „Диор“. Исто така, овде може да се пробаат вкусови од далечните земји и разни гастрономски откритија.
Нема коментари