Единаесеттата по ред колекција од еколoшкиот проект Conscious Exclusive на модниот бренд H&M е ултраженствена и инспирирана од 20-тите години од минатиот век, но е и повеќе еколошка од претходните
Кога во 2012 година шведскиот моден гигант H&M, свесен за влијанието на модата врз животната средина ја лансираше линијата Conscious Exclusive, идејата беше да се понуди квалитетна облека направена од одржливи материјали. Екоприказната ја продолжува и со новата колекција од оваа линија, овојпат инпирирана од златното доба на патувањата со воз, (особено митскиот Le Train Blue, кој пред стотина години сообраќал од француското пристаниште Кале до летувалиштата на Азурниот Брег), потоа од легендарните уметници Жан Кокто и Пабло Пикасо, и од естетиката на 20-тите години на минатиот век. Ексклузивноста на оваа колекција е во одржливите процеси, а претставени се и неколку иновативни материјали – VEGEA, алтернатива на кожа, CIRCULOSE, природен материјал произведен од рециклиран текстил, RENU, висококвалитетен рециклиран полиестер и ECONYL, регенериран најлон направен од користени мрежи за риболов.
Со оваа колекција H&M сака да ги нагласи трајноста, но и допадливоста на облеката. За пролет-лето 2020 нуди вечерни фустани од тул и тафета и со принт на мозаик. Има многу волумен, пуф ракави и плисе. Претставени се и кошули и костими во неутрални тонови, што е во согласност со актуелните трендови. Колекцијата открива и тексас материјал направен од 100% необоен и рециклиран органски памук. Материјалите се обоени со природните бои кои се добиени од талог од кафе, собриран од канцелариите за производство на компанијата H&M. Ан-Софи Јохансон, креативната советничка на H&M, вели дека оваа колекција е направена со најголемо внимание досега и со внимателно почитување на еколошките правила.
Нема коментари