Една кукла манифестирана како Барби во хипстерски стил под профилот Socality Barbie ни покажува колку сме извештачени на социјалните мрежи и преку нејзините фотографии на „Инстаграм“ се потсмева на генеричките фотографии на блогерите. Како една од највлијателните апликации „Инстаграм“ од фотоалбум на секојдневни спонтани моменти се претвор во опсесија за совршена фотографија во често нереални ситуации. Зад Socality Barbie стои фотографка од Портланд која сака да остане анонимна и која одлучи да креира профил на „Инстаграм“ посветен на тоа да истакне колку смешни станаа социјалните мрежи. „Ми се смачи да ги гледам луѓето како ги прават истите фотографии, на истите места и притоа да ги објават под хаштаг ‘Живеј автентично’,“ изјави фотографотката за Buzz Feed. Таа се исмејува токму на неавтентичноста на местените фотографии кои се промовираат со таков хаштаг. Интересно е што токму Барби, симбол на совршенство со пропорци кои тешко се постигнуваат, на фотографиите на Socality Barbie изгледа природно и пореално од многуте корисници на „Инстаграм“. Но, со тоа не потсетува на опседнаста со себе, константното себефотографирање, нападната употреба на фотошоп и филтри, извештаченоста, масовното користење на хаштаг-ознаки, тенденции што постојат на социјалните мрежи. „Сум седела во кафулиња и сум гледала како луѓето го ставаат своето кафе на подот додека тие се качуваат на столици за да направат утринското кафе да изгледа поинтересно отколку што навистина е“, вели фотографката за тоа што сè прават Инсаграмерите за да добијат совршен кадар. Совршен, но прашањето е колку е автентичен и спонтан!? Ако може Барби да изгледа реално, тогаш секој корисник може да си дозволи една спонтана фотографија во која ќе биде автентичен и природен. Во потрагата за совршен кадар како да се изгубивме себеси. „Да, сфаќам, фотографиите се убави и привлечни за гледање. Но тие се толку неискрени. Никој всушност не живее така. И тоа е толку претерано што веќе станува досадно“, изјави креаторката на профилот за Wired во врска со нереалната слика што се пласира на социјалните мрежи.
Нема коментари