Откако ја презеде улогата на уметнички директор на Diesel, Никола Формикети вети дека ќе го „рестартира“ италијанскиот бренд, а дел од идеите ги прикажа и во неговата втора рекламна кампaња во која ангажира млади луѓе кои тој ги нарекува херои на модерното време. Тие припаѓаат на различни социјални групи: модна блогерка во инвалидска количка, сајбер-панкери, азиски ѕвезди, моторџии, а намерата на Формикети е да покаже дека сите луѓе, колку и да се различни, треба и мора да функционираат заедно. Дизајнерот вели дека не треба да бидете конвенционален манекен за да претставувате еден моден бренд, а мора да признаеме дека ваквиот став е вистинско освежување во модниот бизнис.
Кампањата под мотото „Ние сме поврзани“ фотографирана од Инез и Винуд и стилизирана од страна на Формикети, вклучува 23 модели од повеќе од десетина различни земји. „Бев во потрага по бунтовен став,“ вели тој за ангажирањето на личности како на пример Џилијан Меркадо, 23 годишна блогерка која има мускулна дистрофија и е во инвалидска количка. Дизајнерот признава дека ја смета за херој, затоа што иако не се движи лесно, таа е целосно бестрашна. Според него, токму ваквите личности треба да бидат пример во заедницата!
Нема коментари