Модниот дизајнер Мите Занов ја претставува својата нова колекција Heartbeats ‘24, во која се осврнува на феноменот на љубовта, а и во која за првпат вклучува машка облека. Дизајнерот кој креира под името на својот бренд Zanov, колекцијата ја открива преку фотосесија со манекените Веда Евтимова, Мухамед Енуз, Софија Симоноска и Yllzinho, а фотографиите ги потпишува Антонио Станков.
За својата нова колекција Мите Занов ќе напише:
HEARTBEATS’24 е колекција која го негува феноменот наречен љубов, вклучувајќи ги сите различни типови на љубовта. Тоа е едно еуфорично искуство, коe сите сме го доживеале. Од љубов кон сами себе, до љубов кон друго битие, тоа искуство може да биде отсликано во најразлични форми од посветеност, приврзаност, фамилијарна љубов, пасија кон работата, романтика, страст, па дури и до опсесија.
Сите овие видови на љубовта, се катализираат различно, па затоа и секоја од нив има уникатно влијание врз нас.
Иако љубовта опфаќа низа од силни позитивни емоционални и ментални состојби, таа може да биде и негативна, при што нејзиниот порок претставува човекова морална маана, себичност, егоизам, суета и емоционална недостапност.
HEARTBEATS ’24 ја отсликува симбиозата токму на тие негативни страни на љубовта, скриени и неискажани мисли, затвореност и неискреност, ладнокрвност, апатија и сите неостварени желби што го тераат нашето срце да го промени ритамот на биење. Тој процес на целосно пулсирање на срцето е движечкиот импулс што нè прави живи од првиот ден, до последниот.
Палетата на бои на колекцијата е инспирирана од теоријата на тркалото на љубовта во боја, која опишува шест љубовни стилови, вклучувајќи црвена, портокалова, жолта и сина.
Црната и белата боја, ги претставуваат спротивностите, позитивните и негативните состојби на љубовта, додека рефлектирачката сребрена го отсликува вистинското јас, нашите доблести, стравови и маани, а обезбедува и емоционална, социјална или друга одбрана.
Најуникатна текстура во оваа колекција е ватираната ткаенина со буквата Z, која што преку симболичен начин го претставува идентитетот на брендот и отчукувањата на срцето на брендот.
HAERTBEATS ’24 содржи 12 изгледи составени од фустани, корсети, мини и макси здолништа, панталони, јакни, мантили и блузи. Модните додатоци во колекцијата се состојат од чанти во форма на ZANOV корсет, ватиран ранец, опера ракавици, рефлектирачки Z обетки, како и рачно изработени украси за на глава.
Фотографија: Антонио Станков/ Модели: Веда Евтимова, Мухамед Енуз, Софија Симоноска и Yllzinho (Models In Management)/ Шминка: Сим Салтирова/ Фризура: Елена Николовска (Social Hair Salon)/ Асистент: Ева Поп Таневска/ Посебна благодарност до: Димитар Баков и Тони Петрушевски
Нема коментари