Транспарентни ткаенини, фустани од „течен метал“, црно-бели комбинации, раскошен вез, слоеви од тул, рефернци на Арлекин, шминка во стилот на Пјеро и повеќе акробати во игра со манекенките кои ги носea креациите од новара колекција на модната куќа „Диор“ на вчерашната ревија во големиот циркуски шатор подигнат во паркот Роден во Париз. Со оваа haute couture колекција за есен-зима 2019/20 почна Париската недела на висока мода, а за старт креативната директорка на „Диор“, Марија Грација Кјури, прикажа модно доживување инспирирано од циркусот.
-Циркусот е волшебно место. Имагинацијата на многуте уметници е стимулирана од фасцинацијата за свет што е и чудесен и суров, поетски и неопходен – вели Кјури за инспирацијата од „креативниот хаос“ на циркусот.
Ревијата на „Диор“ ја отворија акробати од циркуската компанија Mimbre која ја соинуваат само жени. Тие облечени во црно-бели костими изведуваа разни акробации и нивниот перформанс беше околу манекенките. Шоуто се одржа во голем циркуски шатор, во загушена атмосфера со снопови блескави самовилски светла, а манекенките чекореа по арлекински под од шарени ромбови.
Модната куќа има историски врски со циркусот. Самиот Кристијан Диор уживаше во посетите на Cirque d’Hiver, каде што во 1955 година фотографот Ричард Аведон ја направи својата позната фотографија со манекенкатата Довима и слонви, слика која како што вели Кјури „совршено го евоцира чудото и височеството на високата мода“.
Циркусните влијанија се вешто вткаени во колекцијата преку набрани кловновски јаки, ракави кои изгледаат како тетовирани (потсетување на викторијанските циркуски изведувачи0, или преку здолништата од тул како поздрав на костумите на акробатите и припитомувачите на животни. Манекенките исто така имаа нацртано солзи на лицето, дело на шминкерот Питер Филипс, која реферира на кловновските солзи на Пјеро.
-Циркусот е претставен како место за инклузија во кое кловнот, преку својата андрогина и асексуална димензија, станува израз на можна еднаквост и евоцирање на модерноста, онаа каде што убавината, потеклото, полот и возраста повеќе не се важни, и важат само техника и смелоста,“ смета дизајнерката Кјури.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари