Дизајнерката на шапки Мирјана Јосифоска во месецот на жената одлучи да сними нов моден едиторијал кој уште во насловот, Hats and the City, алудира на популарната ТВ серија Sex and the City („Сексот и градот“) и четирите жени главни протагонистки во серијата.
Автентичноста на четирите дами во Њујорк од доцните деведесетти е вткаена во новиот едиторијал на колекцијата шапки од Мирјана Јосифоска – првиот македонски дизајнерски бренд за шапки. Во месецот на жената, женскоста ја воздигнуваме на урбано ниво, инспирирано од жените кои постојано се во чекор со нови предизвици и кои притоа успеваат да зрачат со елеганција и сигурност – стои во соопштението на овој дизајнерски бренд.
Протагонистките од серијалот Sex and the City чии модни комбинации остануваат засекогаш врежани во историјата на модата, овој пат се инспирација за Hats and the City – едиторијал снимен низ улиците на Скопје.
Јосифоска избра неколку модели на шапки за овој едиторијал. Sophia in Black за вечерно излегување, Monica in Classic Red за важниот денски
состанок или Linda in Royal Blue за вино со пријателките – секоја од нив зазема свој став, а вие оставате впечаток со вашата нова комбинација за отворање на пролетната сезона.
Видеото и фотографиите се снимени од страна на Меланија Николовска, како и видео продукцијата. Фото едитор на едиторијалните фотографии е Sam W. Lab. Модел за модниот едиторијал е Надја Миланова (Подиум). Шминката и фризурата е изработена од студентите Агнеса Ајризи, Тамара Андоновска, Исра Амати и Анастасија Пластовска од СУГС „Димитар Влахов“ под менторство на Ферихан Махмуд – Кека. Облеката е од продавницата Игралиште (Скопје), како и чантите од Main Days.
Шапките на оваа дизајнерка се направени од 100% рециклирана сертифицирана волна, со отстранлива тул мрежа или врвки, со што целат кон намалување на текстилниот отпад. Мисијата на брендот на Јосифоска е да го намали текстилниот отпад преку одржлив дизајн и етичко производство во специјализирано студио во Тетово.
Нема коментари