На 14 мај на платформата Netflix ќе се прикажува мини серијата Halston, посветена на познатиот американски моден креатор Халстон. Во главната улога е Ијан Мекгрегор, а серијата од пет епизоди ја продуцира Рајан Марфи (Аmerican Horror Story).
Серијата ги рефлектира животот и работа на Халстон, роден како Рох Халстон Фровик, кoј првпат се прославил откако ja дизајнирал шапката што Џеклин Кенеди ја носеше на претседателската инаугурација на својот сопруг Џон Кенеди во 1961 година. Халстон подоцна се префрли на дизајнирање женска облека и го промовираше својот прв бутик и колекција кон крајот на 60-тите години од минатиот век.
Кариерата му напредуваше во 70-тите и беше препознатлив по неговиот минималистички стил, кој даваше приоритет на функцијата пред декорацијата. Во 80-тите години на минатиот век, после повеќе лоши деловни одлуки, Халстон ја затвори својата компанија. Лоши одлуки носеше и во приватниот живот, па после долги години консумирање дрога и менување парнери, дизајнерот почина од Сида во 1990 година.
Важеше за боем и во 70-тите и 80-тите, на врвот од својата слава, беше дел од лудите журки во култниот клуб Studio 54. Таму се забавуваше и дружеше со Лајза Минели, Бјанка Џегер, Елза Перети, Енди Ворхол и други ликови релевантни во тој период.
Халстон остави силен печат на американската мода, доживеа метеорски подем, но и брз пад, беше првиот со статус на моден креатор на славните личности.
Нема коментари