Интернетскиот пребарувач Google ја објави годишната анализа за најпребарувани имиња и термини од модата и животниот стил, а како изненадување за многумина, најбаран моден совет е „како да носите марама“, пред прашањата „како да се облечете на свадба“, „што да облечете на интервју за работа“ и „како да се облечете на прв љубовен состанок“. Во однос на изгледите од црвен килим најбарана е Ријана, веројатно благодарение на оној провокативен изглед од доделувањето на наградите на Модниот совет на американски дизајнери (CFDA), a потоа следат Лорд, Лупита Нионго, Мадона и Фарел Вилијамс. Анализата на Google покажува уште едно големо изненадување – во категоријата најбарано модно име, на прво место е 19-годишната видео блогерка Бетани Мота, пред дизајнерите Кејт Спејд, Оскар де ла Рента, Рејчел Рој и Александар Ванг. Во другите категории, најбаран совет за убавина е „како да се ослободите од акните“, во однос на диети, најактуелната е Палео диетата, а во категоријата фитнес најмногу интерес има за третманот Insanity. Анализата се однесува за интернет корисниците од САД.
Нема коментари