Брендот Guess промовира две пролет-лето 2014 колекции: Jeans и Marciano. Линијата Guess Jeans става акцент на комбинациите на материјали и елементи инспирирани од рок-музиката, како во женската така и во машката колекција. Marciano, пак, нуди сензуална и свежа колекција, која изобилува со современи елементи. Моделите се лелеави, без разлика дали станува збор за широки панталони или здолништа.
Кај женските модели на Guess Jeans присутни се стреч-материјалите, а дел од јакните и модните додатоци се изработени од превртена кожа. Одлика на колекцијата е ласерски изработен вез во комбинација со светол или бел тексас, а особено забележлив е металик ефектот и светкавите детали. Пролетните модели доаѓаат во црно-бела комбинација, додека пак кај летните се забележуваат розовите и сините пастелни бои.
Кај машките модели на Guess Jeans карактеристични се моторџиските јакни направени од екокожа, но и тексас и памучни материјали. Фокусот оваа сезона е токму на парчињата изработени од тексас и вештината секогаш да се направи нешто ново во нивниот дизајн. Во машката колекција е застапена палета на бои од чиста бела преку сивите тонови до црната, во контраст со црвена и боја на топаз. Индиго бојата е присутна кај летните модели во комбинација со бела, бежова, зелена и жолта.
Во линијата Marciano графичките принтови на стилизирани пеперутки доаѓаат во контрастни комбинации на бои како црната и белата, светло и темно сина и сребрена. Колекцијата продолжува во женствен микс од стуктурирани материјали – жакард и свила со украсни додатоци цветни принтови во зелена, розова и сива боја ја надополнуваат природноста на изгледот.
Дел од колекцијата црпи инспирација од Карибите претставена преку лежерен стил, егзотични бои и тропски принтови аплицирани парчиња соодветни за секојдневно облекување, но и за вечерни настани. Моделите се дополнети со украсување со монистри и камчиња за гламурозен изглед.
Нема коментари