Нанесувањето на креми со заштитен фактор преку лето е задолжително, тоа веќе го знаете, нели? Но, прашање е дали правилно ги користите, ви случува ли да ги заборавите или дали ги нанесувате во доволна количина. Експертите ќе ви препорачаат да се мачкате често, да инвестирате во квалитетни препарати, правете го тоа и кога не сте на плажа, а бирајте креми, лосиони, спрејови и секакви други препарати со висок заштитен фактор – не играјте на картата „мојата кожа не гори“ или „можам јас и со SPF 2“. Секако треба да се нагласи дека е важно да го избегнувате сонцето во периодот од 11 до 16 часот. Еве уште неколку грешки што можеби ненамерно ги правиме, а влијаат на кожата и на здравјето.
Се мачкате само на плажа
Кога се сончате на плажа редовно нанесувате производ со заштитен фактор, но заборавате да го употребите кога седите на летна тераса на некое кафуле или при разгледување на градот. Кремата за сончање не е наменета само за моментите што ги минувате во сончање, туку при секое изложување на сонце.
Избегнувате нанесување крем, затоа што сакате потемен тен
Ова е најголемата и најопасната грешка – изложувањето на јако сонце без користење на заштитни креми предизвикува изгореници и во најлош случај меланом. Доколку сакате темен тен без фактор, бидете подалеку од сонцето и користете креми за самопотемнување и бронзери.
Не нансеувате доволно крем
Не ги штедете заштитните креми, минијатурна количина нема да ве заштити. Инвестирајте во добри препарати и следето го ова правило – за лице потребно ви е крем во големина на петденарка, а за да го заштитите цело тело, количина колку што собира во мала чашка за ракија.
Ги заборавате важните делови
Стапала, дланки, кожата над колената, ушите и делот зад ушите… Да, треба да бидат намачкани сите делови на телото.
„Мојот крем е водоотпорен, не мора да се намачкам нов слој ни после второто капење“
На некои креми пишува дека се водоотпорни, но сепак бидете внимателни. Исто така не значи дека заштитата трае со часови. Според експертите треба да нанесувате нов слој на секои час и пол до два, без исклучок.
Користите постар крем
На секој препарат пишува колку е рокот на траење – најчесто, 6, 8 или 12 месеци по отворањето на амбалажата. Тоа значи дека треба да избегнувате да ги користите ланските препарати, дури и ако не ги смениле мирисот и текстурата. Едноставно, повеќе не делуваат доволно добро.
Нема коментари