По речиси 30 години поминати во редакцијата на американски Vogue Грејс Кодингтон си поднесе оставка на последната функција како креативен директор во модниот магазин кој го уредува Ана Винтур. Според соопштението на Vogue, Кодингтон ќе се фокусира на надворешни проекти, но ќе работи на неколку модни едиторијали во годината за Voguе.
-Јас навистина го сакам Vogue, магазинот секогаш бил во мојот живот, впрочем луѓето од Vоgue ме открија кога имав 19 години. Јас не бегам од Vogue, магазинот ми отвори толку многу врати. Ќе биде убаво да соработуваме, ама и да излезам од рамките на Vogue. Ова е само нов пристап. Сигурно не одам во пензија, бидејќи не сакам тукутака да седам – изјави Кодингтон за BoF.
Грејс, поранешна манекенка, во последните децении е една од најзначајните стилистки и причина зошто повеќето вљубеници во модата сè уште го купуваат американското издание на Vogue. Таа важи за втората највлијателна личност во Vogue, а стана доста популарна откако се појави во документарниот филм „Септемвриски број“ (The September Issue, 2009), во кој се забележа динамиката меѓу неа и главната уредничка Винтур, и од кој Грејс излезе како моден херој како пред публиката, така и меѓу модните инсајдери.
Како стилистка потпиша безброј иновативни модни едиторијали, овде ве потсетуваме на еден од нив објавен во декември 2003 година. Наречен „Алиса во земјата на чудата“, во едиторијалот се појавуваат манекенката Наталија Водјанова и повеќе модни дизајнери како Џон Галијано, Марк Џејкобс, Карл Лагерфелд, Том Форд, Карл Лагерфелд… Фотографиите ги направи Ени Лејбовиц, а фотосесијата се снимала неколку денови во околината на Париз. (K.T.)
Нема коментари