Дедо Мраз, снегулки, елки, елени, снешковци, ѕвончиња и многу други симболи, написи и слики кои асоцираат новогодишните празници се дел од шарите на забавните, т.н. грди божиќни џемпери. Од шала и идеја да се внесе малку празничен дух во изгледот во овој дел од годината, плетените блузи со празнични мотиви, станаа задолжително парче во колекциите на речиси сите high street брендови. Со плетени шари, во претежно црвена, зелена, бела и кафена боја, овие џемпери добија илјадинци интерпретации, во стилот на познати филмови, серии, политички и верски фигури, како: „Војна на ѕвздите“, Stranger things, Обама, ликовите од Дизни…
Грдите божиќни џемпери, се популаризирале во Британија во 80-тите години, благодарение на ТВ- презентерите Гајлс Брендрет и Тими Малет, потоа ги носеле и поп-пејачи како Едни Вилијамс и Вал Дониан, кои се појавиле во специјални емисии за Божиќ. Повторно се актуелизирале кон крајот на 90-тите и почетокот на новиот милениум. И тогаш се поврзани со личности и проекти од поп-културата, како сериите „Пријатели“ и „Како ја запознав мајка ви“, филмовите, „Глупав и Поглупав“ и „Дневниците на Бриџит Џоунс“ , спотот од дуетот на Роби Вилијамс и Никол Кидман и други. Во сите случаи џемперите беа мета за потсмев… Денеска најмногу се носат со таа намера и со добро познати или унифицирани пораки.
Во периодот пред Божиќ може да се забележат „грдите“ празнични џемпери и во уличната мода. Стајлизните не се грди, напротив, се симпатични. Овој модел добро е вклопен во имиџот на популарните модни блогерки, кои ги носат со фармерки,миди здолништа, кожени хеланки, кратки плисе здолништа….
Нема коментари