Во неделата кога се слави франкофонијата, три дена пред настанот „Вкусот на Франција“ – Goût de/ Good France што во понеделник ќе се случи во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот Институт во Скопје и во соработка со „Јавна соба“, токму во мезе барот на „Јавна соба“, амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер и еден познат кувар, Белгиецот со македонско потекло Марк де Јонг, ни раскажаа за настанот на кој посетителите ќе имаат можност да ја вкусат француската храна, а како предигра на гастрономското задоволство пробавме традиционална француска супа од кромид, подготвена од Јонг.
Настанот „Вкусот на Франција“ – Goût de/ Good France, организиран по иницијатива на реномираниот готвач Aлен Дикас и на Министерството за надворешни работи и меѓународен развој, ја истакнува уметноста на живеењето на француски начин, француските производи и ја валоризира Франција како дестинација. Се одржува на 21 март, во организација на 150 француски амбасади, а таа вечер 1500 готвачи ќе подготвуваат 1500 менија на различни дестинации на 5 континенти.
Кујната ги зближува луѓето, смета амбасадорката Оер и нагласи дека целта на оваа гастрономска вечер е да ја доближи кујната до публиката, да се поедностави за да биде подостапна за луѓето. Таа исто спомна за одредени сличности меѓу француската и македонската кујна, одредени јадења може да се поистоветат, како на пример македонското тавче гравче со француското касуле, потоа постои сличност кај вината и во десеротот сутлијаш. Во понеделник, 21 март, Оер ќе биде домаќинка во француската резиденција каде куварот Младен Брчиовски ќе подготви мени од високата француска кујна (haute cuisine).
Оер претходно во 19 часот ќе ја отвори француската вечер во „Јавна соба“, по што посетителите ќе може да го вкусат менито на де Јонг. Иако не е Фрнацузин, де Јонг вели дека е горд што ќе готви француска храна со вкусни македонски намирници. Тој најави супа од кромид за почеток, салата од рукола, вргањ, семки од тиква, сончоглед и маслиново масло со арома на магданос, потоа главно јадење – свинско филе со сенф на старински начин и гратинирани компири, задолжително француско сирење послужено со мед, мајчина душица и лаванда, и тарт од јагоди за десерт. Готвачот Марк де Јонг ќе подготви вечера за 200 гости, па заинересираните за ова единствено гастро искуство со време нека резервираат маса во „Јавна соба“.
Нема коментари