Музејот на современа уметност во Белград претставува модна изложба на францускиот моден дизајнер Жан Пол Готје и по примерот на најголемите светски музеи подготви извонредна поставка на венчаници со потпис на еден од најзначајните светски модни имиња. Изложбата насловена „Љубов е љубов: радоста на венчавката за сите“ се отвора на 21 ноември, влезниците, според информацијата на музејот, ќе чини 600 динари (околу 300 денари).
Изложбата на Готје „Љубов е љубов: радоста на венчавката за сите“ со 38 венчални фустани од високата мода креирани во периодот од 1990 до 2020 година, настана како финале на изложбата „Модниот свет на Жан Пол Готје: Од тротоар на модна писта“ која во 12 градови низ светот привлече повеќе од два милиони посетители, соборувајќи рекорди за присуство на модни изложби.
-Воодушевен сум што ќе соработувам со Музејот на современа уметност Белград на овој проект, кој не само што ќе биде прва изложба на Жан Пол Готје во Србија, туку и прва изложба на висока мода во тој музеј. Сега, повеќе од кога било, верувам дека оваа изложба е важна за силната социјална порака за слободата и толеранцијата што ја носи. Оваа премиера, исто така, означува крај на неговата кариера во светот на високата мода и го слави начинот на кој тој во текот на минатите педесет години покажа хумор преку својата креативна и провокативна работа, откривајќи хуманистичка визија за општеството кое ги прифаќа сите култури и субкултури без никакви табуа и осуди за да нè прикаже како такви надвор од модата – вели кураторот на изложбата Тјери-Максим Лорио.
View this post on Instagram
Дел од поставката е видена на изложбата „Модниот свет… “ која беше поставена во музеи ширум светот – во Монтреал, Далас, Сан Франциско, Мадрид, Ротердам, Стокхолм, Берлин, Лондон, Париз, Минхен, Мелбурн и Сеул, но ексклузивитет на белградската поставка се светската премиера на осум венчаници на Готје, кои претходно не биле дел од изложба. Со нескротлива фантазија, дизајнерот му даде нов изглед на класичниот бел фустан, сурово преиспитувајќи го полот, етничките и верските конвенции. Оваа изложба ја одразува посветеноста на Готје во борбата за човековите права и ја промовира културната разновидност.
- Исклучително ми е драго што еден дел од овој современ уметнички свет, кој не е достапен за пошироката домашна јавност, доаѓа во Србија. Горд сум на тимот на МСУБ, кој и во оваа криза и комплицирани услови, и кога најмногу ни треба уметност, ни овозможи да го претставиме делото на овој уметник пред Србија. Јасно е дека Готје е повеќе од современ светски познат моден дизајнер – тој е уметник. Готје не е бренд, туку идеја за еднаквост, идеја за поддршка, идеја за разновидност и толеранција, и ако некој треба да ја промовира толеранцијата во општеството, тоа се уметници. Уметноста е сеопфатна, бесплатна, дозволува емоции, личен израз, провокација и критичко размислување – посочува Виктор Киш, в.д. директор на МСУБ.
Со организирање изложба која ја претставува високата мода како врвна современа уметност, белградскиот Музеј на современа уметност се најде во друштво на светски музеи, како што се Музејот на уметност Метрополитен и Музејот на современа уметност МоМа во Њујорк, Лувр во Париз и музејот Викторија и Алберт во Лондон. Најдобар показател дека изложбите на висока мода привлекуваат сè поголемо внимание кај музејската публика е успехот на изложбата Christian Dior: Dream Designer, која официјално стана најпосетуваната изложба во историјата на музејот Викторија и Алберт и го надмина огромниот успех на Александар Меквин: Дива убавина во Метрополитен во Њујорк.
Изложбата на Готје во Белград ќе биде изложена четири месеци, од 21 ноември до март 2021 година.
Нема коментари