Наместо во Париз модната куќа „Живанши“ заедно со креативниот директор Рикардо Тиши одлучија колекцијата за пролет-лето 2016 да ја претстават во рамките на Њујоршката модна недела, со презентација на Пристаниште 26, кое за оваа потреба со помош на познатата уметница Марина Абрамовиќ беше претворено во модна писта. Дизајнерот Тиши во Њујорк пред отворена публика и многу славни личсности презентира 88 комбинации во кои се преплетуваат готски стил со доза на романтизам. Шоуто го отвори Маријакарла Босконо, една од музите на Тиши, која носеше бела сатенска блуза и црни широки панталони, а потоа следеа креации со деликатна тантела, графички линии и смокинг-сакоа. Моделите на моменти потсетуваа на луксузна долна облека, на пример проѕирните фустани, широките јакни како пењоари и богатиот вез, а доминираа белата и црната боја. Претставување на „Живанши“ Тиши го замисли како микс на машка, женска и висока мода, и потсетување на најдобрите креации што дизајнерот ги направи за париската модна куќа во последните десет години. За драматиката на ревијата придонесе и шминката и маските за лице, дело на шминкерката Пет Мекграт.
Нема коментари