Македонскиот дизајнер на накит и стилист Горан Сиџимовски работеше на стајлингот на светски познатиот топ-модел Надја Ауерман, во фотосесија за украински Vogue. Тој беше асистент на модната уредничка на „Вог Украина“, Олга Јанул, на насловниот едиторијал што излезе во февруари. Покрај Сиџимовски и Јанул во реализација на сесијата беа вклучени и фотографoт Арчин Сагдич, Хауке Краузе-фризура, Нини Нумела-шминка и Јирген Шабес-кастинг директор.
-Прекрасно е искуството да се биде асистент на Олга Јанул. Контактот со модната уредничка на „Вог Украина“ дојде преку мојата пријателка и бивша колешка Лиса Филипини со која работевме заедно во „Фиер Менаџмент“ и на Берлинскиот фестивал за модни филмови. Од „Вог Украина“ беа дојдени во Берлин за реализација на три едиторијали и на Олга ѝ требаше асистент за реализација на стајлингот… Со Олга соработував на два едиторијали. Едниот е за насловната страна на јунското издание и фотографиравме со една од најактуелните манекенки во моментот на модните писти. Но бидејќи изданието сè уште не е објавено не можам да го откријам нејзиното име. Вториот едиторијал беше за насловната страна на февруарското издание и сликавме со Надја Ауерман, една од првите топ-модели-вели Сиџимовски.
Тој е одушевен од професионалноста и едноставноста на 44-годишната Најда, која е родум од Берлин. Таа беше дел од златната генерација на топ-модели во 90-тите и важеше за манекенка со најдолги нозе.
-Надја е едноставна личност со која соработката се одвива без никаков проблем. Нејзиниот професионализам е првото нешто што се забележува – соработува активно со целиот тим, дава свое мислење за целиот процес на работа и се интересира за идеите на другите. За позирањето нема потреба да се коментира – како и да се намести излага одлична фотографија. За мене овој ангажман беше интересно искуство бидејќи видов како се одвива сликање на еден едиторијал на највисоко организационо ниво. Станува збор за професионален тим, каде што секој си ја знае својата работа и сè се одвива беспрекорно- вели Горан, кој деновиве престојува во Скопје заради обврски во организацијата на актуелниот Моден викенд-Скопје.
По завршувањето на овие активности заминува во Мадрид каде што од февруари престојува на краток студиски престој во Супериорниот центар за моден дизајн, дел од Политехничкиот универзитет. Во јули се враќа во Берлин, каде што студира и каде му остануваат уште две години од студиите по моден дизајн.
Авангардниот дизајнер на накит е препознатлив по изработката на накит од плексиглас, кој го комбинира со различни други материјали. Се паметат неговите колекции под името Горан Иан претставени во концептуалната продавница „Лудус“, пред четири-пет години, а под етикетата Flamboyant во 2011 ја создаде колекцијата со необичен спој на плексиглас со бисери. Изминативе години иако модно се образува во Берлин, тој е ангажиран и во креативниот тим на Модниот викенд-Скопје. Искуство како стилист на модни едиторијали има стекнато во некогашниот неделник „1Е“.
Нема коментари