Колекцијата создадена како резултат на соработката на „Балман“ со H&M ќе почне да се продава на 5 ноември, дотогаш рекламната кампања нека ви послужи како ориентир што да одберете од креациите со потпис на луксузната париска модна куќа, а по достапни цени карактеристични за хајстрит брендот. H&M во последните години иницира соработки со познати дизајнери и модни куќи, оваа последната е со Оливие Рустенг кој е креативен директор на куќата основана од Пјер Балман. Рустенг за принт-кампањата ги одбра омилените модели Џиџи Хадид, Кендал Џенер и Џордан Дан, кои се појавуваат и во официјалната есенска кампања на „Балман“, а нив им се придружуваат и двајцата манекени Хао Јун Ксианг и Дадли O’Шонеси. Фотографиите за кампањата ги направи Марио Соренти. Уште со самата најава за соработката со H&M беше јасно дека колекцијата доследно ќе ја следи естетиката на „Балман“ – извезени блејзери, моќни мини фустани, раскошни парчиња, кожени панталони, светкави ткаенини, а за мажите креирани се атрактивни јакни и блејзери, едноставни маици и тесни панталони.
Нема коментари