Италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани соопшти дека престанува да користи животинско крзно во своите колекии и со оваа одлука одговара на сè повеќе растечката побарувачка на потрошувачите за етична и одржлива мода. Обврзувајќи се на оваа модна политика Армани се придружува на другите престижни брендови и дизајнери како Стела Макартни, Келвин Клајн, Хуго Бос и Томи Хилфигер кои престанаа да користат природно крзно, или како во случајот на Макартни од самото лансирање промовираат еко-мода.
Армани ќе престане да користи крзно, вклучувајќи и крзно од зајак, почнувајќи од сезоната есен-зима 2016/17, а оваа нова политика е резултат на долгогодишното лобирање на организацијата Fur Free Alliance, меѓународна коалиција од 40 организации за заштита на животни, насочена на ставање крај на трговијата со крзно.
-Со задоволство објавуваме дека групацијата на Армани цврсто одлучи да престане со користење на крзно во своите колекции. Технолошкиот напредок овозможува соодветни алтернативи, со што суровиот третман на животните станува сосема непотребен. Следејќи го претходно почнатиот процес, мојата компанија сега прави голем чекор напред, како одраз на нашето внимание на критичните прашања за заштита и грижа за животната средина и животните – вели Џорџо Армани во своето соопштение.
Поголем дел од крзното што се користи во модната индустрија доаѓа од фарми каде што дивите животни се чуваат во мали кафези и се убиваат со сурови методи, со цел да се зачува крзното. Покрај тоа, производството на животинско крзно штетно влијае на животната средина и здравјето како резултат на процесот на производство кој вклучува многу хемикалии.
Промената на етичката перцепција на општеството кон животните и долготрајното противењето на јавноста за производство кон крзнената индустрија доведоа до тоа Македонија, Велика Британија, Австрија, Словенија, и многу други земји да забранат одгледување на животни за крзно.
Нема коментари