Новата лимитирана колекција на ИКЕА наречена GILTIG го поврзува светот на модата со мебелот, преку соработката на лондонската дизајнерка на машка мода Кеjти Ири. Ова е првата од низата соработки на ИКЕА со модни дизајнери, а се однесува на дигитално отпечатени шари на различни парчиња наменети за домот, од текстил и постелнина до откачен прибор за јадење и живописни принтови на разни предмети.
-Со колекцијата GILTLIG, ИКЕА влезе во една сосема нова територија. Ова е првата колекција на ИКЕА создадена во соработка со моден дизајнер. Модните дизајнери ни дозволуваат да истражуваме нови начини на размислување, тие постојано се промислуваат себе си и својата работа, а најчесто се и предводници во развојот на бои и форми. Затоа од нив можеме многу да научиме за боите, принтовите, моделите и формите – објаснува Хенрик Мост, креативен шеф на компанијата кој е задолжен за развој и дизајн на асортиманот на ИКЕА.
При создавањето на колекцијата дизајнерката Ири и ИКЕА се воделе од идејата дека само еден предмет може да ја промени целата просторија, доколку е впечатлива.
-Убавиот дом не значи повеќе работи кои се упадливи, туку да се има предмети кои ја одразуваат вашата личност. Кога влегувате во нечиј дом, вие всушност влегувате во умот на сопственикот – смета Ири.
Нема коментари