Дека крајот навистина е украс на делото си најде своја потврда и во финалето на деветата сезона на Моден викенд-Скопје, со претставувањето на најновата колекција на Росица Мршиќ за сезоната пролет-лето 2014. Автентична, конзистентна и сигурна во својата мисла, таа од сезона во сезона ги чести своите фанови со нови парчиња од својот препознатливиот ракопис. Со постојана потикнатост од уметноста обожувајќи ја модерната уметност од 20 век (досега врз нејзината креативен дизајн влијание извршија Густав Климт, Анри Матис, Василиј Кандински и Казимир Малевич), но и како веќе докажан мајстор на конструкцијата Мршиќ својата најнова инспирација ќе ја препознае во конструктивизмот, правец во уметноста сосем близок до нејзиниот сензибилитет, надограден со референци од 80-те години.
Како еден од преставниците на авангардниот стил на овие простори таа со својата архитектонска прецизност и овој пат не отстапува од насоката на авангардна женственост со јасно поставената цел за урбана префинетост. Секогаш мотивирана да креира структурални, но носливи и удобни, но пред сè модерни, ама не и трендовски минливи парчиња, таа се фокусира на дизајнерските елементи кои се постојано во дослух со женствена разиграност.
Нејзините колекции се потпираат на идејата дека облеката треба да живее подолго од една сезона овозможувајќи му на оној кој ја носи да си го дефинира своето сопствено расположение преку неа. Со постојана артикулација на сопствениот став во една константна игра на спојување на минатото и идното и најновата колекција е состав од различни парчиња: здолништа, кошули, панталони, фустани и палта. Но овој пат е тоа посмирена, полинеарна силуета која ја следи линијата на телото. Каратеристичните структурални драпирања сега се сведени на повремени детали на горните делови.
Нејзиниот специфичен третман на женственоста овој пат се потпира на посигурен, минималистички изглед со припиена форма на телото, дефинирана со прецизност и едноставност на која ѝ се спротивставуваат деталите превземени од машката облека. Ова е нов поинаков момент во дизајнерскиот исказ на Мршиќ, но она што e неочекувано е еден блок на похардкор потполно црни изгледи кои се покажуваат како новина и додаваат свежина во нејзината дизајнерска мисла. Палетата останува препознатлива за неа, црна, бела, кароа, овој пат искомбинирани со чиста сина и розoва во вообичаената некомромисност во изборот на материјалите кои и оваа, како сите досегашни колекции, ја прават посакувано место. Тоа се ткаенини од памук, свила и вискоза со интригантни текстури, но и вештачка кожа со извонреден изглед. Облека која е нослива, практична, но која во исто време ќе ве издвои од толпата е оваа последна, малку по комерцијална понуда на Росица Мршиќ за сезонава која е на старт. (С.Ј.Б. ; Фото: Stylist.mk)
Нема коментари