Познатата дизајнерка Лидија Георгиева се враќа на Моден викенд-Скопје со новата колекција наречена „Црешов цвет“ (The Cherry Blossom Collection), колекција пребогата со рачна изработка, везени детали и отпечатоци кои се препознатливи во нејзината работа. Георгиева ни откри дека новите модели се еволуција на добро познатиот панкрок шик јазик на нејзиниот бренд, но овојпат препознатливите елементи се во комбинација со деликатни акценти на боемски хипи-шик стил. Промоцијата на колекцијата е закажана за 3 април, со почеток во 21.30 часот, во салонот на Порше Македонија. Во однос на музиката повторно ќе биде ангажиран DJ Egotrip, во презентацијата ќе биде вклучен и танцовиот театар на Рисима Рисимкин, а за чевли ќе се погрижи бутикот VIA.
Линијата е за сезоната…Mоите колекции се секогаш со интермедијарна сезонска определеност, не постои навистина граница, но овојпат доминираат пролетни амбиенти.
Инспирација за колекцијата ми беше…Се обидов да направам излет во седумдесеттите, тој терен досега не сум го истражувала, но секако тоа ќе биде искажано на мој начин и со многу сериозна количина на луксузна рачна изработка. Тоа е време на пробивање на постоечките граници, голем ентузијазам во откривањето на нови култури и начин на живот, експанзија на масовната култура и рокенрол индустрија, борба за љубов и мир. Пробав да употребам и некои нови техники кои ми одзедоа доста време, но резултатот е навистина интересен.
Застапени се… На колекцијата интензивно се работи до последен момент, моделите се во постојана надградба, во овој момент не би можела да кажам прецизно колку модели ќе има, но тоа секако ќе биде како и досега околу 20-тина силуети.
Оваа сезона се одлучив да користам и посветли овошни тонови, материјалите се женствени и софистицирани, изработив неколку андрогени силуети во костум, а ќе има и отпечатоци и плетени дизајни, секако тоа кај мене се подразбира.
По Модниот викенд-Скопје моделите ќе може да се набават… Во бутикот VIA.
Нема коментари