Музејот на Македонија деновиве делува во знакот на модата и новите колекции за есен-зима 2015/16. Под мотото „Модата и културното наследство“ и под организацијата на Моден викенд-Скопје, тука се спојуваат современата мода и богатата македонска традиција. Вчеравечер на оваа локација се случија модните ревии на Јована Филиповиќ, Елена Спасовска и гостинката од Косово Венера Мустафа. Филиповиќ раскажа минималистичка приказна во нео-футуристички манир, Спасовска по мала пауза се враќа со креации инспирирани од жената и текстилната индустрија, а Мустафа ја претстави колекцијата „Сондер-секој има приказна“.
Јована Филиповиќ
За актуелната сезона есен-зима 2015/6 Јована Филиповиќ прикажа колекција за која вели дека е „претставува одраз на на некое идно совршено време. Иднина во која уметноста, дизајанот и архтектурата се движечка сила. Влијанието на нео-футуристичкиот минимализам на градбите на Заха Хадид и Калатрава се внимателно пресликани во секој елемент од колекцијата. Градби кои се одраз на времето кое допрва треба да дојде“.
Елена Спасовска
Елена Спасовска инспирација за колекцијата најде во жената од работничката класа, нејзиниот молк наспроти нејзиниот херојски став. „Колекцијата истражува како оваа жена минува низ сопствената интимна револуција. Таа е инспирацијата за колективна сила. Централна тема е текстилот и текстилната индустрија. Во колекцијата се користени природни материјали волна, памук и свила, а за прв пат во мојот дизајн ќе презентирам и кроеви од плетени материјали“.
Венера Мустафа
Косовската дизајнерка Венера Мустафа ја презентира колекцијата „Сондер-секој има приказна“, која е производ на инспирација базирана на цветови од мочуриштето, фламнига и капки солзи кои комуницираат меѓусебно во форма на ткаенини, бои и текстура“.
Нема коментари